Втзакон. (5 Moj.) 8 MKB

1 „Пазете ги и вршете ги сите заповеди што ви ги наредувам денес, за да живеете и за да се размножувате, и за да влезете и ја земете во сопственост земјата што Господ, со заклетва, им ја вети на вашите татковци.

2 Спомнувај си за целиот пат по кој Господ, твојот Бог, те водеше низ пустината во овие четириесет години за да те смири, за да те испита и за да дознае што ти е во срцето: дали сакаш да ги држиш неговите заповеди или не сакаш.

3 Те смируваше и те мореше со глад, а потоа те хранеше со мана, за која не знаевте ни ти ниту твоите татковци, за да ти покаже дека човекот не живее само од лебот, туку дека човекот живее од сè што излегува од Господовата уста.

4 Твојата облека на тебе не се искина ниту нозете ти отечуваа во овие четириесет години.

5 Тогаш признај во своето срце дека Господ, твојот Бог, те воспитува и те поправува како што човекот го воспитува својот син.

6 И пази ги заповедите на Господа, својот Бог, одејќи по Неговите патишта и боејќи се од Него!

7 Па Господ, твојот Бог, те води во добра земја: во земја на потоци и извори, на подземни води што извираат во долините и по бреговите;

8 во земја на пченица и јачмен, на винови лози, на смокви и калинки, во земја на мед и маслинки;

9 во земја во која нема да јадеш сиромашки леб, и каде ништо не ќе ти недостасува; во земја каде камењата имаат железо и каде ќе вадиш бакар од нејзините ридови.

10 Ќе јадеш до наситка и ќе Го благословуваш Господа, својот Бог, заради добрата земја што ти ја даде.”

11 „Внимавај да не Го заборавиш Господа, својот Бог, занемарувајќи ги Неговите заповеди, Неговите одредби и Неговите закони што ти ги давам денес.

12 И откако ќе се најадеш до ситост, откако ќе изградиш убави куќи и ќе се населиш во нив;

13 кога крупниот и ситниот добиток ќе ти се намножи; кога ќе насобереш сребро и злато, и кога сè твое ќе напредува,

14 тогаш немој да се воздигне твоето срце и да Го заборавиш Господа, својот Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од куќата на ропството;

15 Кој те преведе низ онаа голема и страшна пустина, низ земјата на огнени змии и скорпии, низ сув и безводен крај; Кој ти извади вода од цврста карпа;

16 Кој те хранеше во пустината со мана, непозната на твоите татковци, за да те смири и за да те испита па да бидеш среќен на крај.

17 Тогаш не вели во своето срце: ‘ Со својата моќ и со силата на своите раце го спечалив ова богатство.’

18 Спомни си за Господа, својот Бог! Па Тој ти даде сила да го спечалиш богатството, за да го исполни така - како денес - Својот Завет, за кој им се заколна на твоите татковци.

19 Ако Го заборавиш Господа, својот Бог, и тргнеш по други богови, па им искажуваш почитување, им се поклонуваш ним, ви се колнам денес дека сосем ќе бидете истребени;

20 како народите кои Господ ќе ги погуби пред вас, така ќе ве снема и вас, зашто не го послушавте гласот на Господа, својот Бог.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34