Втзакон. (5 Moj.) 11:22-28 MKB

22 Ако ги држите верно сите овие заповеди кои ви ги наредувам, ако ги вршите и ако Го љубите Господа, својот Бог, ако одите по сите Негови патишта и ако се прилепите цврсто до Него,

23 Господ ќе ги протера од пред вас сите тие народи, и вие ќе завладеете помногубројни и посилни народи од себе.

24 Секое место на кое ќе стапне вашата нога ќе биде ваше; од пустината и од Ливан, од Реката, од реката Еуфрат, до Западното Море, ќе се тегне вашето подрачје.

25 Никој не ќе се одржи пред вас; Господ, вашиот Бог, ќе внесе страв и трепет по сета земја во која ќе стапите, како што ви рече.”

26 „Гледајте! Денес ви нудам благослов и проклетство:

27 благослов, ако ги слушате заповедите на Господа, вашиот Бог, што ви ги давам денес;

28 а проклетство, ако не ги слушате заповедите на Господа, својот Бог, туку се отклоните од патот што ви го одредувам денес па тргнете по други богови, што не ги познавате.