Втзакон. (5 Moj.) 16:1-7 MKB

1 „Пази го месецот Авив и слави ја Пасхата во чест на Господа, својот Бог, зашто Господ, твојот Бог, во месецот Авив, те изведе ноќе од Египет.

2 Како Пасха во чест на Господа, својот Бог, жртвувај од ситниот и крупниот добиток во местото што Господ ќе го избере за да го настани во него Своето Име.

3 Ништо со квас не јади со неа; туку седум денови јади бесквасен леб - леб на огорчение - бидејќи набрзина излезе од Египетската Земја: за да си спомнуваш во текот на целиот свој век за денот кога излезе од Египетската Земја.

4 Седум денови нека не се гледа кај тебе квас на целото твое подрачје, и ништо од месото на жртвата што ќе ја заколеш навечер не смее да остане преку ноќта до утрото.

5 Не е дозволено да се жртвува Пасхата во кој и да е град што ќе ти го даде Господ, твојот Бог,

6 туку во местото кое ќе го избере Господ, твојот Бог, за да го настани таму Своето Име; само таму жртвувај ја Пасхата во предвечерјето, при зајдисонцето, зашто во тоа време излезе од Египет.

7 Испечи ја и изеди ја на местото што ќе го избере Господ твојот Бог. Тогаш наутро сврти се и запати се кон своите шатори.