8 Напиши ги на тие камења сите зборови на овој Закон: врежи ги добро.”
9 Потоа Мојсеј и левитските свештеници му рекоа на сиот Израел: „Внимавај, Израеле, и слушај! Денес стана народ на Господа, својот Бог.
10 Затоа слушај го гласот на Господа, својот Бог, и извршувај ги Неговите заповеди и Неговите закони, што ти ги заповедам денес.”
11 Во оној ден Мојсеј му нареди на народот:
12 „Кога ќе поминете преку Јордан, овие племиња: Симеон, Левиј, Јуда, Исахар, Јосиф и Венијамин, нека застанат на гората Гаризим за да го благословуваат народот.
13 А овие: Рувим, Гад, Асир, Завулон, Дан и Нефталим нека застанат на гората Евал за да проколнуваат.
14 Тогаш левитите нека го преземат зборот и нека им речат со силен глас на сите Израелци: