6 Благословен ќе бидеш кога ќе влегуваш, благословен кога ќе излегуваш.
7 Твоите непријатели, кои ќе се кренат против тебе, Господ ќе ги положи пред тебе поразени; по еден пат ќе излезат против тебе, а по седум патишта ќе се разбегаат пред тебе.
8 Господ ќе нареди благословот да биде со тебе во твоите житници и во секој потфат на твојата рака, и ќе те благословуваат во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава,
9 Господ ќе направи од тебе народ посветен на Себеси, како што ти се заколна, ако ги пазиш заповедите на Господа, својот Бог, и ако одиш по неговите патишта.
10 Сите народи на земјата ќе видат дека се наречуваш со Господовото име, па ќе стравуваат од тебе.
11 Господ ќе те опсипе со изобилни блага: со пород на твојата утроба, со прираст на твојот добиток и со родот на твојата почва во земјата, за која Господ им се заколна на твоите татковци дека ќе ти ја даде.
12 Господ ќе ти ја отвори Својата богата ризница - небото - за да дава дожд во твојата земја во право време и да го благослови секој потфат на твоите раце. Ќе им даваш на заем на многу народи, а самиот нема да земаш заем.