Втзакон. (5 Moj.) 3:14-20 MKB

14 Манасиевиот син Јаир ја зазеде сета Арговска Покраина до меѓата на Гесурците и Махатците. Тој ги нарече тие села со своето име, па уште и денес се викаат Авот-Јаир, Јаирови Села.)

15 На Махир му го дадов Галад.

16 На Рувимовците и Гадовците им доделив од Галад до потокот Арнон, - средината на потокот е меѓа - и до потокот Јавок, до амонската граница.

17 А како граница служеа Араба и Јордан од Хинерот до морето покрај Араба - (покрај Соленото Море) - во подножјето на стрмнините на Фазга кон исток.

18 Во она време ви наредив: ‘Господ, вашиот Бог, ви ја дава оваа земја во сопственост. Сите вие војници, тргнете вооружени пред своите браќа Израелеви синови.

19 Единствено вашите жени, вашите деца и вашиот добиток - знам дека имате многу добиток - нека останат во вашите градови што ви ги доделив,

20 додека Господ не им даде мирен престој и на вашите браќа како и вам; така што и тие да ја заземат земјата што Господ, вашиот Бог, им ја дава од онаа страна на Јордан. Па тогаш секој од вас нека се врати на недвижниот имот што ви го доделив.’