Втзакон. (5 Moj.) 30:10-16 MKB

10 кога ќе го послушаш гласот на Господа, својот Бог, пазејќи ги Неговите заповеди и Неговите наредби запишани во книжен свиток на овој Закон, односно кога ќе му се обрнеш на Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа.”

11 „Оваа заповед, што ти ја давам денес, не е длабока за тебе ниту е предалеку од тебе.

12 Не е на небесата, за да би рекол: ‘Кој ќе се искачи за нас на небесата, па да ни ја објави за да ја вршиме.’

13 Не е ни преку море, за да би можел да речеш: ‘Кој ќе тргне за нас преку море, за да ни ја донесе и да ни ја објави па да ја вршиме!’

14 Зашто, заповедта е сосем близу до тебе, во твојата уста и во твоето срце, за да ја извршуваш.”

15 „Гледај! Денес ставам пред тебе: живот и среќа, смрт и несреќа.

16 Ако ги послушаш заповедите на Господа, својот Бог, кои ти ги давам денес - ако ги послушаш љубејќи Го Господа, својот Бог, одејќи по неговите патишта, вршејќи ги Неговите заповеди, Неговите закони и Неговите уредби, ќе живееш и Господ, твојот Бог, ќе те размножи и ќе те благослови во земјата во која влегуваш за да ја земеш во сопственост.