Втзакон. (5 Moj.) 32:19-25 MKB

19 „Господ го виде тоа, и во Својот гнев ги отфрли Своите синови и ќерки.

20 ‘Ќе им го скријам Своето лице - рече - и ќе видам каков ќе биде нивниот крај. Зашто е изопачено тоа колено, синови во кои нема верност.

21 Со ништожен бог ме поттикнаа на ревност, Ме раздразнија со своите ништожества, и Јас ќе ги направам нив ревниви, ќе ги огорчам со некој глупав народ!

22 Да, пламна пожарот на Мојот гнев, и ќе гори до гробните длабочини; ќе ја проголта земјата и сето она што таа го раѓа, и ќе и ги изгорам планините до основите.

23 Сите неволји ќе се навалат на нив, Своите стрели ќе ги истрошам врз нив.

24 Ќе умираат од глад, ќе ги трујат треската и лутиот помор. Ќе испратам против нив ѕверски заби и отров на оние што лазат во правот.

25 Надвор мечот ќе ги погубува децата, а стравот ќе владее внатре. Ќе гинат еднакво - момче и девојка, доенче и седокос старец.