Втзакон. (5 Moj.) 7:5-11 MKB

5 Туку, направете вака со нив: порушете ги нивните жртвеници, искршете ги нивните столбови, откорнете ги нивните ашери, а изгорете ги нивните резани ликови.”

6 „Па ти си народ посветен на Господа, на својот Бог; Господ, твојот Бог, те избра тебе меѓу сите народи, кои се на земјата, за да му бидеш негов сопствен народ.

7 Господ не ве одбра и не ве прифати дека сте побројни од сите народи - поправо вие сте најмалубројни -

8 туку затоа дека Господ ве љуби и дека ја пази заклетвата со која им се заколна на вашите татковци. Затоа Господ ве изведе со силна рака и ве ослободи од домот на ропството, од власта на фараонот, египетскиот цар.

9 Затоа знај дека Господ, Твојот Бог, е вистински Бог, верен Бог, Кој го пази Својот завет и ја искажува Својата милост до илјада поколенија на оние кои Го љубат и ги пазат Неговите заповеди.

10 А на оние кои Го мразат им враќа направо на нив самите; го уништува без одлагање оној кој Го мрази: му враќа направо на него самиот.

11 Затоа држи ги заповедите, законите и одредбите кои ти ги заповедам денес за да ги исполниш.