Втзакон. (5 Moj.) 9:1-7 MKB

1 „Слушај, Израелу! Денес преминуваш преку Јордан, за да потчиниш под себе: народи и поголеми и побројни отколку што си ти; големи градови, со тврдини до небесата;

2 народ голем и со висок раст како Енаковите синови, кои веќе ги познаваш и за кои што си слушал: ‘Кој ќе устои пред Енаковците?’

3 И така, знај дека денес Господ, твојот Бог, врви пред тебе; Тој ќе ги собори, ќе ти ги потчини тебе. Тогаш ти ќе ги растераш и ќе ги погубиш скоро, како што Господ и ти рече.

4 Откако ќе ги изгони пред тебе Господ, твојот Бог, немој да речеш во своето срце: ‘Господ ме воведе да ја завладеам оваа земја заради мојата праведност.’ Спротивно, заради нечесноста на оние народи Господ ги гони пред тебе.

5 Ти не одиш да ја земеш во сопственост нивната земја заради својата праведност и заради чесноста на своето срце, туку затоа што Господ, твојот Бог, заради опакоста на оние народи ги изгонува нив пред тебе, за да го одржи зборот со кој им се заколна на твоите татковци: Авраам, Исак и Јаков.”

6 „И така, знај дека Господ, твојот Бог не ти ја дава оваа добра земја во наследство заради твојата праведност, зашто ти си народ со корав врат!

7 Спомни си и не заборавај како Го лутеше Господа, својот Бог, во пустината. Од денот кога излеговте од Египетската Земја па до доаѓањето на ова место, Му бевте непокорни на Господа.