Лука 11:29-35 MKB

29 А кога народот се собираше, почна да зборува: „Ова поколение е лошо поколение; бара знак, но нема да му биде даден, освен знакот на Јона.

30 Имено, како што Јона им беше знак на Ниневијците, така и Човечкиот Син ќе биде за овој род.

31 Царицата на Југот ќе се јави на суд со луѓето од ова поколение и ќе го осуди; зашто дојде од крајот на земјата, за да ја чуе Соломоновата мудрост. А ете, тука е поголем од Соломона!

32 Ниневијците ќе се јават на суд со овој род и ќе го осудат, зашто се покајаа од Јонината проповед, а ете, тука е поголем од Јона!

33 Никој не става запалено светило во сокриено место или под вршник, туку на светилник, за да ја видат светлината оние, кои влегуваат.

34 Светило на телото е твоето око. Ако твоето око е бистро - целото твое тело е осветлено; ако пак е зло, во мрак е и твоето тело.

35 Затоа внимавај светлината што е во тебе - да не биде темнина!