Лука 11:42-48 MKB

42 Но, горко ви вам, фарисеи, кои давате десеток од нане и од горчлива трева, и од секаков зеленчук, а ги занемарувате праведноста и Божјата љубов! Ова требаше да го правите, а она, да не го оставате.

43 Горко ви вам, фарисеи, зашто ги сакате првите седишта во синагогите и поздравите по пазарите.

44 Горко ви вам, зашто сте како гробови, што не се забележуваат, така што луѓето кои одат преку нив, не знаат.”

45 Тогаш еден законоучител Му одговори и рече: „Учителе, кога го зборуваш тоа, и нас нè навредуваш.”

46 Тој пак им рече: „Горко ви вам - законици, зашто ги натоварувате луѓето со бремиња, што тешко се носат, а вие самите ни со еден прст не се допирате до бремињата.

47 Горко ви вам, зашто им градите надгробни споменици на пророците, а вашите татковци ги убија!

48 И така вие сведочите за делата на своите татковци и се согласувате со нив; зашто тие и ги убија, а вие им градите гробници.