21 Така бидува со оној, кој собира благо за себеси, а не се богати во Бога.”
22 Уште им рече на Своите ученици: „Затоа ви велам: не грижете се за својата душа - што ќе јадете; ниту за телото свое - што ќе облечете;
23 зашто душата е повеќе од храната, а телото од облеката.
24 Погледнете ги гавраните како ни сејат, ни жнијат; немаат ни скривалишта, ни житници, а Бог ги храни. Колку повеќе вредите од птиците!
25 А кој од вас може - грижејќи се - да му додаде еден лакот на својот раст?
26 И така, ако не можете да го направите ни најмалото, зошто се грижите за другото?
27 Погледнете како растат лилјаните? Тие не се трудат и не предат; а Јас ви велам дека ни Соломон, во сета своја раскош, не се облече како еден од нив.