Лука 13:13-19 MKB

13 И ги стави рацете врз неа, а таа се исправи веднаш и Го славеше Бога.

14 А настојникот на синагогата негодуваше, дека Исус исцели во сабота и му рече на народот: „Има шест дена во кои треба да се работи! Во тие дни доаѓајте и лекувајте се! А не во саботен ден!”

15 Но Господ во одговор му рече: „Лицемери! Не го одврзува ли секој од вас својот вол, или осле од јаслите во сабота и не го води ли да го напои?

16 А оваа Авраамова ќерка, која сатаната ја врзал веќе осумнаесет години; не требаше ли да биде одврзана од оваа врска во саботен ден?”

17 А кога го рече тоа, се засрамија сите Негови противници; а целиот народ им се радуваше на сите славни дела, што ги изврши.

18 Потоа рече: „На што е слично Божјото Царство и со што да го споредам?

19 Слично е на синапово зрно, што човек го зема и го посејува во својата градина, каде израснува и станува големо дрво и небесните птици се населија на неговите гранки.”