Лука 18:11-17 MKB

11 Фарисејот застана и се молеше во себеси вака: ‘Боже! Ти благодарам што не сум како другите луѓе - разбојници, неправедници, прељубници, или како овој цариник;

12 постам двапати во седмицата и давам десеток од сè што придобивам.’

13 А цариникот стоеше далеку и не сакаше ни очите да ги подигне кон небото, туку се удираше по градите и велеше: ‘Боже, биди милостив спрема мене грешникот!’

14 Ви велам, овој се врати дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој кој се возвишува себеси, ќе биде понижен; а кој се понизува себеси, ќе биде возвишен.”

15 Му донесуваа и мали деца, за да ги допре; а кога учениците го видоа тоа, им забрануваа.

16 Но Исус ги повика и рече: „Оставете ги дечињата да доаѓаат при Мене и не пречете им, зашто на таквите им припаѓа Божјото Царство!

17 Вистина ви велам, кој не го прими Божјото Царство како дете, тој никако нема да влезе во него.”