8 Ви велам, ќе ги одбрани скоро. Но, кога ќе дојде Човечкиот Син, ќе најде ли вера на земјата?”
9 А на некои, кои беа уверени во себе дека се праведни, и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола:
10 ”Два човека влегоа во Храм да се помолат: едниот фарисеј, а другиот цариник.
11 Фарисејот застана и се молеше во себеси вака: ‘Боже! Ти благодарам што не сум како другите луѓе - разбојници, неправедници, прељубници, или како овој цариник;
12 постам двапати во седмицата и давам десеток од сè што придобивам.’
13 А цариникот стоеше далеку и не сакаше ни очите да ги подигне кон небото, туку се удираше по градите и велеше: ‘Боже, биди милостив спрема мене грешникот!’
14 Ви велам, овој се врати дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој кој се возвишува себеси, ќе биде понижен; а кој се понизува себеси, ќе биде возвишен.”