10 А народот го праша: „Тогаш, што да правиме?”
11 А тој им одговори и рече: „Кој има две облеки, нека му даде на оној кој нема; и кој има храна нека го прави истото!”
12 Дојдоа и цариниците да ги крсти и му рекоа: „Учителе, што да правиме ние?”
13 Тој им рече: „Не барајте ништо повеќе од она, што ви е определено!”
14 Го прашаа и војниците: „Што да правиме ние?” И им рече: „Не измачувајте никого и не клеветете, и бидете задоволни со своите плати!”
15 А бидејќи луѓето беа во недоумица и сите размислуваа во своите срца за Јована - да не е тој Христос,
16 Јован им одговори на сите: „Јас ве крштавам во вода; но иде посилен од мене, Кому јас не сум достоен да го одврзам ременот на Неговите обувки; Тој ќе ве крсти во Светиот Дух и оган.