Лука 3:16-22 MKB

16 Јован им одговори на сите: „Јас ве крштавам во вода; но иде посилен од мене, Кому јас не сум достоен да го одврзам ременот на Неговите обувки; Тој ќе ве крсти во Светиот Дух и оган.

17 Во Неговата рака е лопатата, за да го очисти Своето гумно и за да ја собере пченицата во Својата житница; а плевата ќе ја изгори со неизгаслив оган.”

18 И така му го проповедаше Евангелието на народот, напомнувајќи и многу други нешта.

19 А четворовласникот Ирод, кого тој го укори заради Иродијада, сопругата на Филипа, брата му, и заради сите зли дела, што ги направил Ирод,

20 кон сите нив го додаде уште ова: го затвори Јована во темница.

21 Кога се крсти сиот народ - се крсти и Исус и кога се молеше - небото се отвори,

22 и Светиот Дух слезе на Него, во телесен облик, како гулаб, и се чу глас од небото: „Ти си Мојот возљубен Син, во Тебе е Мојата милина.”