11 И ги извлекоа корабите на суво, оставија сè и отидоа по Него.
12 И кога беше во еден град, ете, човек целиот лепрозен, штом Го виде Исуса падна ничкум и Го замоли, велејќи: „Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш.”
13 Тогаш ја протегна раката, го допре и рече: „Сакам, очисти се!” И веднаш лепрата падна од него.
14 И му заповеда никому да не му кажува, туку му рече: „Оди, покажи му се на свештеникот и принеси жртва за твоето очистување, како што заповеда Мојсеј, ним за сведоштво!”
15 А гласот за Него сè повеќе се разнесуваше и големо множество народ доаѓаше да Го слуша и да се лечи од своите болести.
16 А Тој се повлекуваше во пустината и се молеше.
17 И кога еден ден поучуваше, седеа фарисеите и законоучителите, кои дојдоа од сите галилејски и јудејски села и од Ерусалим. А Господовата сила беше таму за да ги исцели.