18 И ете, луѓето донесоа на постела фатен човек и гледаа да го внесат и да го положат пред Него.
19 И бидејќи не најдоа од каде да го внесат заради множеството, се искачија на покривот и го спуштија низ отвор, сосè постела, насредина пред Исуса.
20 Кога ја виде нивната вера, рече: „Човеку, ти се опростуваат гревовите.”
21 Тогаш книжниците и фарисеите почнаа да размислуваат, велејќи: „Кој е Овој, Кој хули на Бога? Кој може да ги опростува гревовите освен Единиот Бог?”
22 А Исус, кога ги созна нивните мисли, во одговор им рече: „Зошто размислувате така во своите срца?
23 Што е полесно да се рече: ‘Ти се опростуваат гревовите’ или ‘Стани и оди’!
24 Но, да знаете дека Човечкиот Син има власт на земјата да ги опростува гревовите, му рече на фатениот: „Тебе ти велам, стани и дигни го својот одар и оди си во својот дом!”