Лука 6:32-38 MKB

32 И ако ги љубите оние, кои ве љубат вас, каква ви е благодарноста? И грешниците ги љубат оние, кои ги љубат нив.

33 И ако им правите добро на оние, кои вам ви прават добро, каква ви е благодарноста? И грешниците го прават истото.

34 И ако им позајмувате на оние, од кои се надевате дека ќе добиете, каква ви е благодарноста? И грешниците им позајмуваат на грешниците, за да примат исто толку.

35 Туку, љубете ги своите непријатели, правете им добро и позајмувајте им без да чекате нешто. И вашата награда ќе биде голема и ќе бидете синови на Сèвишниот, зашто Тој е благ кон неблагодарните и злите.

36 Бидете милостиви како што и вашиот Татко е милостив.

37 И не судете и нема да бидете судени; и не осудувајте и нема да бидете осудувани. Проштавајте и ќе ви биде простено!

38 Давајте и ќе ви се даде: добра мерка - набиена, натресена, преполнета, ќе ви биде дадена во скутот, зашто со каква мерка мерите, со таква ќе ви се одмери.”