17 И се разнесе овој глас за Него по цела Јудеја и по целата околина.
18 Му соопштија на Јована за сè тоа неговите ученици.
19 А Јован повика двајца свои ученици и ги испрати при Господа да Го прашаат: „Ти ли си Оној, Кој треба да дојде или да чекаме друг?”
20 Кога овие мажи дојдоа при Него, рекоа: „Јован Крстител нè прати при Тебе, велејќи: Ти ли си Оној, Кој треба да дојде, или да чекаме друг?”
21 Во тој час исцели мнозина од болести, маки и зли духови, и на мнозина слепци им подари вид.
22 Тогаш ним им одговори: „Одете и раскажете му на Јована што видовте и чувте: слепи прогледуваат, хроми проодуваат, лепрозните се очистуваат, глувите прослушуваат, мртвите стануваат и на бедните им се проповеда Евангелието;
23 и блажен е оној, кој не ќе се соблазни во Мене!”