Лука 7:6-12 MKB

6 Исус тргна со нив. И кога веќе не беше далеку од куќата, стотникот испрати пријатели да Му речат: „Господи, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив.

7 Затоа и не се сметав достоен да Ти пристапам - туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави!

8 Зашто исто и јас сум човек под власт, и имам потчинети војници; и на едниот му велам: ‘Оди!’ и тој оди; а на другиот: ‘Дојди!’ - и доаѓа; а на својот слуга: ‘Направи го тоа!’ - и го прави.”

9 Кога го чу тоа, Исус се зачуди и се заврте кон народот, што врвеше по Него и рече: „Ви велам, толкава вера не најдов ни во Израел.”

10 И кога испратените се вратија дома, го најдоа слугата здрав.

11 Потоа Исус отиде во градот наречен Наин; а со Него одеа Неговите ученици и големо множество.

12 А кога се приближи до градската врата, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка му, која беше вдовица и со неа имаше големо множество од градот.