Лука 9:22-28 MKB

22 велејќи дека Човечкиот Син треба да пострада многу; да биде отфрлен од старешините, свештеничките главатари и книжниците; да биде убиен и да воскресне на третиот ден.

23 И на сите им зборуваше: „Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себеси и нека го земе својот крст секој ден, и нека Ме следи!

24 Зашто, кој сака да ја спаси својата душа - ќе ја изгуби; а кој ја изгуби својата душа заради Мене, тој ќе ја спаси.

25 Зашто, каква полза има човекот ако го добие целиот свет, а самиот себе се изгуби или се упропасти?

26 Зашто, кој се срами од Мене и од Моите зборови, и Човечкиот Син ќе се срами од него, кога ќе дојде во Својата слава, и во славата на Таткото и на светите ангели.

27 И вистина ви велам, има некои меѓу овие, што стојат тука, кои нема да ја вкусат смртта, додека не го видат Божјото Царство.”

28 И на околу осум дена по овие зборови, ги зеде со себе Петра, Јована и Јакова и се искачи на гората да се моли.