Дела Ап. 1 MKB

1 Во првата книга, о Теофиле, го напишав сè она што Исус почна да го врши и учи,

2 до денот кога се вознесе, откако преку Светиот Дух им даде заповеди на апостолите, кои ги беше избрал,

3 на кои им се претстави жив по Своето страдање, со многу веродостојни докази: јавувајќи им се четириесет дена и им зборуваше за Божјото Царство.

4 И додека беше заедно со нив, им заповеда да не се оддалечуваат од Ерусалим, туку да го чекаат ветувањето на Таткото, „што го чувте од Мене”:

5 Јован крштаваше во вода, а вие ќе бидете крстени во Светиот Дух, не по многу дни!”

6 А собраните Го прашаа со овие зборови: „Господи сега ли ќе го востановиш Израелевото Царство?”

7 А Тој им рече: „Не е ваше да ги знаете времињата и настаните, што Таткото ги одреди со Својата власт.

8 Туку ќе примите сила кога Светиот Дух ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци како во Ерусалим, така и во цела Јудеја, и во Самарија, и сè до крајот на земјата.”

9 И кога го рече тоа, се вознесе пред нивните очи, и еден облак Го зеде од пред нивните погледи.

10 И кога гледаа кон небото, додека Тој се вознесуваше, ете двајца мажи во бела облека застанаа покрај нив

11 и им рекоа: „Мажи, Галилејци, зошто стоите и гледате во небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе во небото, ќе дојде така, како што Го видовте да оди во небо.”

12 Тогаш се вратија во Ерусалим, од Гората, која се вика Маслинова, што е близу до Ерусалим, еден саботен ден одење.

13 И кога влегоа во куќата, се искачија во горната одаја, каде живееја: Петар и Јован, Јаков и Анрдеј, Филип и Тома, Вартоломеј и Матеј, Јаков Алфеев и Симон Зилот, и Јакововиот брат Јуда.

14 Сите овие еднодушно и постојано беа во молитва, заедно со некои жени и со Марија, Исусовата мајка, и со Неговите браќа.

15 А во тие дни Петар стана, меѓу браќата, а имаше собрано множество - околу сто и дваесет души - и рече:

16 ”Браќа, требаше да се исполни Писмото, што Светиот Дух го прорече преку Давидовата уста, за Јуда, кој им беше предводник на оние, кои Го фатија Исуса;

17 тој беше во нашиот број и беше добил дел од службава.

18 Имено, тој придоби нива со злосторничка плата; и падна ничкум и пукна по средина, и се истури целата негова утроба.

19 И тоа им стана познато на сите жители на Ерусалим, така што нивата е наречена на нивниот јазик Акелдама, што значи „Крвна Нива.”

20 Зашто, во книгата на Псалмите е напишано: ‘Неговиот дом да биде пуст и да нема кој да живее во него!’ а ‘неговата служба да ја прими друг.’

21 И така, потребно е пак, еден од оние луѓе, кои беа со нас за сето време, откако Господ Исус дојде при нас и си отиде од нас -

22 почнувајќи од Јовановото крштавање до денот, кога се вознесе од нас да биде сведок заедно со нас, на Неговото воскресение.”

23 И поставија двајца: Јосифа, наречен Варсава, наречен Јуст, и Матиј.

24 И се помолија, велејќи: „Господи, Ти, Кој ги познаваш срцата на сите, покажи ни кого си го избрал од овие двајца,

25 да го прими местото во оваа служба и во апостолството, од кое отстапи Јуда, за да отиде на свое место!”

26 И фрлија жрепки за нив; и жрепката падна за Матија и тој се вброи во Единаесетте апостоли.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28