Дела Ап. 19 MKB

1 А кога Аполос беше во Коринт, Павле, откако ги помина горните области, дојде во Ефес, и тука најде некои ученици.

2 Им рече: „Дали Го примивте Светиот Дух, кога поверувавте?” Му одговорија: „Не сме ни чуле дека дошол Светиот Дух.”

3 Уште им рече: „А во што се крстивте?” А тие рекоа: „Во Јовановото крштавање.”

4 А Павле рече: „Јован крштаваше покајно крштавање, велејќи му на народот да верува во Оној, Кој ќе дојде по него, односно во Исуса.”

5 Кога го чуја тоа, се крстија во името на Господа Исуса.

6 И кога Павле ги положи рацете на нив, Светиот Дух слезе на нив. И зборуваа јазици и пророкуваа;

7 а беа вкупно околу дванаесет мажи.

8 Тогаш влезе во синагогата и таму зборуваше смело, три месеци за Божјото Царство и се трудеше да ги убеди.

9 Но бидејќи некои беа корави и непокорни, и зборуваа зло за Патот пред множеството, тој отстапи од нив и ги оддели учениците, и секојдневно проповедаше во училиштето на некој си Тиран.

10 Тоа продолжи две години, така што сите, кои живееја во Азија, Јудејците и Грците, го чуја Господовото Слово.

11 А Бог правеше необични чуда преку Павловите раце

12 така што, кога врз болните ставаа и крпи за пот и прегачи од неговото тело: и болестите ги оставаа и лошите духови излегуваа од нив.

13 А некои од Јудејците, кои скитаа и ги заколнуваа духовите, почнаа да го повикуваат името на Господа Исуса, велејќи им: „Ве заколнуваме во Исуса, Кого Павле Го проповеда!”

14 Тоа го правеа седумте синови на некој си Јудеец Скева, главен свештеник.

15 Но лошиот дух во одговор им рече: „Го познавам Исуса и Павле го знам,

16 но кои сте вие?” И човекот во кого беше лошиот дух, скокна на нив, ги совлада сите и покажа против нив таква сила, што голи и ранети побегнаа од таа куќа.

17 Тоа го научија сите Јудејци и Грци, кои живееја во Ефес и страв ги обзеде сите, а името на Господа Исуса се величаше.

18 А мнозина од оние, кои беа поверувале, доаѓаа и исповедувајќи се ги кажуваа своите дела.

19 А од оние, кои се занимаваа со магии, мнозина ги донесуваа своите книги на куп и ги гореа пред сите. И кога ја пресметаа нивната цена, најдоа дека вредат педесет илјади сребреници.

20 Така Господовото слово растеше силно и преовладуваше.

21 Кога се сврши тоа, Павле науми во духот, поминувајќи низ Македонија и Ахаја, да отиде во Ерусалим, велејќи: „Штом ќе бидам таму, треба да го видам и Рим.”

22 И испрати во Македонија двајца свои помошници, Тимотеја и Ераста, а самиот остана уште некое време во Азија.

23 Во тоа време се подигна не мал бунт заради Патот;

24 зашто некој човек, по име Димитриј, сребренар, кој правеше сребрени Артемидини храмови и на уметниците им донесуваше не мала печалба;

25 ги собра и нив и работниците на такви нешта и рече: „Мажи, вие знаете дека нашата благосостојба доаѓа од оваа работа;

26 а гледате и слушате дека овој Павле, не само во Ефес туку речиси во цела Азија, убеди и одврати големо множество, велејќи дека богови направени со раце - не се богови.

27 Но не постои само опасност да изгуби углед ова наше занимање, туку и храмот на големата божица Артемида нема да биде сметан за ништо, и да му се наштети на величието на онаа, која ја почитува сета Азија и целиот свет.”

28 Кога го чуја тоа, полни со гнев, викаа, велејќи: „Голема е ефеската Артемида!”

29 И целиот град се побуни и еднодушно навлегоа во театарот и ги одвлекоа Македонците Гај и Аристарх, Павлови сопатници.

30 А кога Павле сакаше да влезе, меѓу народот, учениците не го пуштија.

31 А некои од азиските началници, кои му беа пријатели; испратија при него и го помолија да не се појавува во гледалиштето.

32 Едни викаа едно, а други - друго, зашто собранието беше збунето и повеќето не знаеја зошто се беа собрале.

33 Тогаш го поттикнаа од народот Александра, кого Јудејците го туркаа напред. Александар пак мавна со раката и сакаше да даде објаснение пред народот;

34 но кога дознаа дека е Јудеец, сите викаа едногласно и викаа околу два часа: „Голема е ефеската Артемида!”

35 Најпосле градскиот писар го смири народот и рече: „Ефесци! Кој е оној човек, кој не знае дека градот Ефес е чувар на храмот на големата Артемида и на нејзиниот кип, што падна од небото?

36 Бидејќи тоа е неоспорно, вие треба да бидете мирни и да не преземате ништо непромислено!

37 Ги доведовте овие луѓе, кои ниту го ограбија храмот, ниту хулат на нашата божица.

38 Затоа, ако Димитриј и уметниците - кои се со него - имаат тужба против некого, судиштата заседаваат, и проконзулите се тука, нека се тужат едни со други.

39 Ако барате нешто друго, тоа ќе биде решено во собранието,

40 зашто ни се заканува опасност да бидеме обвинети заради денешниот бунт, зашто не постои никаква причина, со која можеме да го оправдаме собирот.” Кога го рече тоа, го распушти собирот.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28