1 А некои дојдоа од Јудеја, и ги учеа браќата: „Ако не се обрежете според Мојсеевиот обичај, не можете да се спасите.”
2 А кога Павле и Варнава се впуштија во не мала расправа со нив, определија Павле и Варнава и уште некои од нив, да се искачат во Ерусалим, при апостолите и старешините заради тоа прашање.
3 И така, испратени од црквата, поминаа низ Феникија и Самарија, раскажувајќи за обратувањето на народите, и правејќи им голема радост на сите браќа.
4 Кога стигнаа во Ерусалим, беа примени од црквата, од апостолите и старешините; и раскажаа сè што направил Бог со нив.
5 Тогаш станаа некои од фарисејската следба, кои поверуваа, и рекоа, дека треба да бидат обрезани и да им се нареди да го пазат Мојсеевиот Закон.
6 Апостолите и старешините се собраа да ја разгледаат таа работа
7 и бидејќи настана големо расправање, Петар стана и им рече: „Мажи, браќа! Вие знаете дека Бог веќе од првите денови ме избра меѓу вас, за да го чујат народите од мојата уста словото на Евангелието и да поверуваат.
8 И Бог, Кој ги познава срцата, посведочи на нив, кога им Го даде Светиот Дух, како и нам.
9 И не постави никакви разлики меѓу нас и нив, зашто преку вера ги очисти нивните срца.
10 Зошто сега Го искушувате Бога, ставајќи им на вратот на учениците јарем, кого ни нашите татковци ни ние не можевме да го носиме?
11 Но ние веруваме дека ќе се спасиме исто како и тие, преку благодатта на Господа Исуса.”
12 Тогаш замолкна целото множество и ги слушаа Варнава и Павла, кои раскажуваа колку чуда и знаци направи Бог, преку нив, меѓу народите.
13 Кога тие свршија да зборуваат, проговори Јаков и рече: „Мажи браќа, послушајте ме!
14 Симон ви кажа како Бог, најпрво, се погрижи да си земе луѓе од народите за Своето име.
15 И со тоа се слагаат пророчките зборови, како што е напишано:
16 ’После ова ќе се вратам и пак ќе го изградам Давидовиот дом, кој падна; и пак ќе ги изградам неговите урнатини, и пак ќе го подигнам;
17 за да Го побараат Господа другите луѓе и сите народи, кои се наречуваат со Моето име, говори Господ, Кој ги прави овие работи.
18 Познати Му се на Бога сите Негови дела од вечноста.’
19 Затоа сум на мнение дека не треба да ги вознемируваме оние, кои од многубошците Му се обраќаат на Бога;
20 туку да им се напише да се воздржуваат од она, што е онечистено од идолите, од блудство, од удавено и од крв.
21 Зашто Мојсеј има проповедници, од дамни времиња, во секој град: го читаат во синагогите, секоја сабота.”
22 Тогаш апостолите и старешините, со целата црква, одлучија да изберат меѓу себе некои луѓе и да ги испратат со Павла и Варнава во Антиохија: Јуда, наречен Варсава, и Сила, водечки луѓе меѓу браќата,
23 и по нив го испратија ова писмо: „Апостолите и старешините, ваши браќа, ги поздравуваат браќата од народите во Антиохија, Сирија и Киликија!
24 Бидејќи чувме дека некои од нас, на кои ништо не им заповедавме ве збуниле со зборови и ги смутиле вашите души,
25 одлучивме еднодушно да избереме мажи и да ги пратиме при вас, со нашите возљубени Павле и Варнава,
26 со луѓето, кои ги предадоа своите души за нашиот Господ Исус Христос.
27 И така, ви ги испраќаме Јуда и Сила, кои ќе ви го соопштат и усно истово.
28 Имено, Светиот Дух и ние одлучивме да не ставаме на вас никакво друго бреме, освен овие потребни работи:
29 да се воздржувате од жртвуваното на идолите, од крв, и од удавено и од блудство; ако се пазите од тоа, добро ќе направите. Бидете здрави!”
30 И така пратените слегоа во Антиохија, го собраа народот и го предадоа писмото.
31 А кога го прочитаа, се зарадуваа на утехата.
32 Јуда пак и Сила, кои и самите беа пророци, ги тешеа и ги утврдуваа браќата со многу зборови.
33 И откако поминаа таму некое време, браќата ги испратија со мир при оние, кои ги беа пратиле.
34 Сила пак одлучи да остане таму.
35 А Павле и Варнава останаа во Антиохија, каде заедно со многу други поучуваа и го проповедаа Господовото слово.
36 По неколку дена Павле му рече на Варнава: „Да се вратиме пак и да ги посетиме браќата по сите градови, каде го проповедавме Господовото слово, за да видиме како се!”
37 А Варнава сакаше да го поведат со себе и Јована, наречен Марко.
38 А Павле сметаше дека не треба да го водат оној, кој се одделил од нив во Памфилија и не беше пошол со нив на дело.
39 И дојде до расправа, така што се разделија еден од друг. Варнава го зеде со себе Марка и отплови за Кипар;
40 а Павле го избра Сила и тргна, предаден од браќата на Господовата благодат.
41 И поминуваше низ Сирија и Киликија и ги утврдуваше црквите.