1 „Мажи браќа и татковци! Чујте ја мојата одбрана.”
2 Кога чуја дека им говори на еврејски јазик, се смирија уште повеќе. И рече:
3 ”Јас сум Јудеец, роден во Киликиски Тарс, а воспитан во овој град, при Гамалиловите нозе, научен строго според татковскиот закон, ревнувајќи за Бога, како и вие сите денес.
4 Го гонев овој Пат до смрт; и врзував и предавав во темници мажи и жени,
5 како што може да посведочи за мене првосвештеникот, со сите старешини. Од нив примив и писма за браќата во Дамаск, каде одев за да ги дотерам врзани во Ерусалим и оние, кои беа таму, за да бидат казнети.”
6 ”Кога одев и наближив до Дамаск, одеднаш, околу пладне, ме осветли голема светлина од небото.
7 И паднав на земјата и чув глас како ми зборува: ‘Савле, Савле, зошто Ме гониш?’
8 А јас одговорив: ‘Кој си ти, Господине?’ И ми рече: ‘Јас сум Исус Назареецот, Кого ти Го гониш.’
9 А оние, кои беа со мене, ја видоа светлината, но не го чуја гласот, кој ми зборуваше.
10 Тогаш реков: ‘Што да правам, Господи?’ А Господ ми рече: ‘Стани и оди во Дамаск и таму ќе ти се каже сè што ти е определено да правиш!’
11 И бидејќи не можев да гледам од блескотот на светлината, моите другари ме поведоа за рака и така дојдовме во Дамаск.”
12 „А некој Ананиј, благочестив маж според Законот, за кого сведочеа добро сите тамошни Јудејци,
13 дојде при мене, ми се доближи и рече: ‘Брате Савле, прогледај!’ И јас во истиот миг погледав во него.
14 А тој рече: ‘Бог на нашите татковци однапред те определил да ја познаеш Неговата волја и да Го видиш Праведникот и да го чуеш гласот од Неговата уста,
15 зашто ќе Му бидеш сведок пред сите луѓе за она што си видел и чул.
16 И што се двоумиш сега? Стани, крсти се и измиј се од своите гревови, повикувајќи го името на Господа.’
17 Кога пак се вратив во Ерусалим и се молев во Храмот, се занесов
18 и Го видов како ми вели: ‘Побрзај и излези бргу од Ерусалим, зашто нема да го примат твоето сведоштво за Мене!’
19 А јас реков: ‘Господи, тие знаат дека јас ги затворав и ги биев по синагогите оние, кои веруваа во Тебе;
20 и кога се пролеваше крвта на Твојот сведок Стефан, и јас стоев таму; одобрував и ги чував облеките на оние, кои го убиваа.’
21 И ми рече: ‘Оди, зашто ќе те испратам далеку, меѓу народите!’
22 Го слушаа до тој збор, а тогаш извикаа со силен глас: „Премавни го од земјата таквиот, зашто не треба да живее!”
23 Додека тие викаа така, ги мавтаа своите облеки и фрлаа прав во воздухот;
24 заповедникот нареди да го одведат во тврдината, велејќи да го испитаат со биење, за да узнае зошто викаат така против него.
25 А кога го опкружија и врзаа со ремени, Павле му рече на стотникот кој стоеше таму: „Зар смеете да бичувате римски граѓанин, и тоа неосуден?”
26 Кога стотникот го чу тоа, отиде и го извести заповедникот, велејќи: „Што сакаш да правиш? Човеков е римски граѓанин!”
27 Тогаш заповедникот дојде при него и му рече: „Кажи ми, римски граѓанец ли си ти?” А тој рече: „Да!”
28 Заповедникот одговори: „Јас го добив тоа граѓанство за многу сребреници.” А Павле рече: „А јас се родив со него.”
29 И веднаш отстапија од него, оние кои сакаа да го испитуваат, а заповедникот се уплаши кога узна дека тој е римски граѓанец, зашто го беше врзал.
30 Утреден, сакајќи да знае точно зошто Јудејците го обвинуваат, го ослободи и заповеда да се соберат главните свештеници и целиот Синедрион и го доведе долу Павла и го постави пред нив.