Дела Ап. 6 MKB

1 Во тие денови, кога учениците се намножија, елинистите се побунија против Евреите, зашто нивните вдовици беа запоставувани при секојдневното делење на помош.

2 Тогаш Дванаесетмината ги повикаа сите ученици и рекоа: „Не е право ние да го оставиме Божјото Слово и да служиме околу трпезите.

3 Затоа, браќа, најдете меѓу себе седум мажи, добро посведочени, полни со Дух Свети и мудрост, на кои да им ја довериме таа должност,

4 а ние и натаму ќе им се посветиме на молитвата и на службата на словото.

5 И предлогот му се допадна на целото множество, па ги избраа: Стефана, маж полн со вера и со Светиот Дух, потоа: Филипа, Прохора, Никанора, Тимона Пармена, и Никола, прозелит од Антиохија.

6 Нив ги поставија пред апостолите; а овие, кога се помолија, ги положија рацете на нив.

7 А Божјото слово растеше и бројот на учениците во Ерусалим се зголемуваше многу. И големо множество свештеници и се потчинија на верата.

8 А Стефан, полн со благодат и сила, правеше големи чудеса и знаци во народот.

9 Но станаа некои од Синагогата наречена на Либертинците, на Киринејците, на Александријците и на оние од Киликија и Азија, и се препираа со Стефана.

10 И не можеа да им се спротиват на мудроста и на Духот, со кој зборуваше.

11 Тогаш наговорија луѓе, кои изјавија: „Го чувме како хули против Мојсеја и Бога.”

12 Така ги побунија и народот, и старешините, и книжевниците, и нападнаа на него, го фатија и го изведоа пред Синедрионот.

13 Поставија и лажни сведоци, кои рекоа: „Овој човек непрекратно хули против ова свето место и Законот,

14 зашто чувме како зборува дека Овој Исус Назареецот, ќе го разурне ова место и ќе ги измени обредите, што ни ги предаде Мојсеј.”

15 А сите, кои седеа во Синедрионот го насочија погледот во него и видоа дека лицето му е слично на лице на ангел.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28