1 А еден човек по име Ананија, со својата жена Сапфира, продаде еден имот
2 и задржа од цената со знаење на жената, а донесе еден дел и го стави пред нозете на апостолите.
3 А Петар му рече: „Ананија, зошто сатаната го исполни твоето срце да Го излажеш Светиот Дух и да задржиш од цената на нивата?
4 Не беше ли твоја додека не беше продадена? И кога ја продаде - не беше ли во твоја власт? Зошто го науми тоа нешто во своето срце? Не ги излага луѓето, туку Бога!”
5 Кога Ананија ги чу зборовите, падна и издивна. И голем страв ги обзеде сите, кои го чуја тоа.
6 А помладите станаа, го завиткаа, го изнесоа и го погребаа.
7 А кога поминаа околу три часа, влезе и неговата жена, не знаејќи што станало.
8 И Петар ја праша: „Кажи ми дали за толку ја продадовте нивата?” И таа рече: „Да, за толку.”
9 А Петар и рече: „Зошто се согласивте да Го искушувате Господовиот Дух? Еве! Веќе пред вратата се нозете на оние, кои го погребаа твојот маж, ќе те изнесат и тебе!”
10 И веднаш падна до неговите нозе и издивна. А кога младите луѓе влегоа, ја најдоа мртва; ја изнесоа и ја погребаа до нејзиниот маж.
11 И голем страв ја опфати целата црква и сите кои го чуја тоа.
12 И преку апостолските раце стануваа многу знаци и чуда во народот; и сите беа еднодушни во Соломоновиот трем.
13 Од другите пак, никој не се осмелуваше да им се присоедини, меѓутоа народот ги величаше многу.
14 А повеќе верни беа присоединети кон Бога; множествата на мажи и жени;
15 така што изнесуваа болни на улиците и ги полагаа на постели и носилки, та барем Петровата сенка да падне на некого од нив.
16 Се собираше во Ерусалим и множество од околните градови и носеа болни и измачувани од нечисти духови. И сите се исцелуваа.
17 Тогаш станаа: првосвештеникот и сите, кои беа со него, имено садукејската ерес, се наполнија со завист,
18 ги фатија апостолите и ги фрлија во општа темница.
19 Но во ноќта, Господов ангел ја отвори вратата на темницата, ги изведе и им рече:
20 ”Одете и истапете во Храмот, говорете му ги на народот сите зборови за овој живот!”
21 Штом тие го чуја тоа, влегоа во Храмот пред разденување и поучуваа. А кога дојдоа првосвештеникот и оние, кои беа со него, ги свикаа Синедрионот и сите старешини на Израелевите синови, и испратија да ги доведат.
22 А кога служителите дојдоа, не ги најдоа во темницата. се вратија и известија:
23 ”Ја најдовме темницата заклучена и добро обезбедена, и стражарите како стојат пред вратата; но кога ја отворивме - внатре не најдовме никого.”
24 Кога ги чуја овие зборови, храмските старешини и свештеничките главатари, беа во недоумение заради нив, што би можело тоа да биде!
25 Но некој дојде и им јави: „Ене ги, мажите, кои ги затворивте во темница, стојат во Храмот и го поучуваат народот.”
26 Тогаш управителот на Храмот, со служителите, отиде и ги доведе, но не на сила, зашто се боеја од народот да не ги каменува.
27 И кога ги доведоа, ги поставија пред Синедрионот, и првосвештеникот ги праша:
28 ”Зар не ви забранивме строго да не поучувате во тоа име? А еве, вие го наполнивте Ерусалим со својата наука и сакате да ја фрлите крвта на Тој Човек на нас.”
29 А Петар и апостолите во одговор рекоа: „Треба да Го слушаме Бога повеќе, отколку луѓето.
30 Бог на нашите татковци Го воскресна Исуса, Кого вие Го обесивте на дрво и Го убивте.
31 Бог, со Својата десница, Го возвиси Него за Началник и Спасител, за да му даде покајание на Израел и проштавање на гревовите.
32 Ние сме сведоци за тоа и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние, кои Му се покоруваат.”
33 Кога го чуја тоа, се налутија многу и имаа намера да ги убијат,
34 но тогаш, во Синедрионот, стана еден фарисеј по име Гамалиел, учител на Законот, почитуван од целиот народ, и заповеда да ги изведат луѓето надвор;
35 и им рече: „Мажи, Израелци! Помислете добро што ќе им направите на тие луѓе!
36 Зашто, пред овие денови се крена Тевда, кој зборуваше за себе дека е нешто големо, и кон него се присоединија околу четири стотини луѓе; тој беше убиен, а сите кои го слушаа се распрснаа и беа уништени.
37 По него, во време на пописот на населението, се крена Јуда Галилеецот и повлече многу народ по себе. И тој загина, а сите кои го слушаа се распрснаа.
38 А сега, ви велам: оставете ги овие луѓе и пуштете ги! Зашто, ако овие замисли или ова дело се од луѓе - ќе пропадне;
39 но, ако е од Бога, не ќе можете да го уништите; пазете, да не станете борци против Бога!”
40 Тогаш го послушаа, и ги повикаа апостолите и ги изнатепаа и им забранија да зборуваат за Исусовото име, и ги пуштија.
41 Тие пак си отидоа од Синедрионот со радост, зашто беа удостоени да претрпат понижување за Исусовото име.
42 Така, не прекратија секој ден да поучуваат и да го проповедаат Евангелието, во Храмот и по куќите, дека Исус е Христос.