Дела Ап. 20 MKB

1 Кога стивна вревата, Павле ги повика учениците, ги посоветува; се прости со нив и тргна да отиде во Македонија.

2 Откако ги помина оние краишта и ги ободри со многу зборови, дојде во Грција.

3 Таму остана три месеци. Бидејќи Јудејците направија заговор против него, кога сакаше да отплови за Сирија, реши да се врати преку Македонија.

4 И го придружуваа до Азија: Сосипатер Пиров од Берија, солунците Аристарх и Секунд, Гај од Дервија и Тимотеј, Тихик и Трофим од Азија.

5 Тие отидоа напред и нè чекаа во Троада.

6 А ние отпловивме од Филипи, после деновите на бесквасните лебови, и за пет дни дојдовме при нив во Троада, каде поминавме седум дена.

7 А кога во првиот ден на седмицата се состанавме да раскршуваме леб, Павле разговараше со нив, зашто сакаше да замине утреден. Го продолжи словото до полноќ,

8 а во горната соба, каде се бевме собрале, имаше многу светилки.

9 А едно момче, по име Евтих, кое седеше на прозорецот, го фати длабок сон и тоа, додека Павле зборуваше подолго, совладано од сонот падна од третиот кат долу и го дигнаа мртво.

10 Но Павле слезе, му се фрли, го прегрна и рече: „Не возбудувајте се, зашто неговата душа е во него!”

11 Потоа отиде горе, раскрши леб и јаде, и им зборуваше долго, сè до зората, и тогаш отпатува.

12 А момчето го доведоа живо и се утешија многу.

13 Ние тргнавме порано со бродот и отпловивме во Асос, откаде требаше да го земеме Павла, зашто така беше порачал, сакајќи да оди пеш.

14 А кога се состана со нас во Асос, го зедовме и дојдовме во Митилин.

15 И оттаму отпловивме и утреден дојдовме спроти Хиос; на другиот ден стигнавме во Самос, откако престојавме во Трогилија, на идниот ден дојдовме во Милит.

16 Павле реши да помине покрај Ефес, за да не се задржи подолго време во Азија; зашто му се брзаше, ако е можно да биде за денот на Педесетница во Ерусалим.

17 Од Милит Павле прати во Ефес да ги повикаат старешините на црквата.

18 А кога дојдоа при него, им рече: „Вие знаете како го поминав со вас целото време, од првиот ден кога стапив во Азија,

19 служејќи Му на Господа со сета понизност, со солзи и со искушенија, што ме најдоа од јудејските заговори;

20 како не пропуштив да ви кажам сè што е полезно и да ве поучам и јавно и по домовите;

21 сведочејќи им на Јудејците и на Грците покајание пред Бога и вера во нашиот Господ Исус.

22 А сега, еве, врзан во Духот, одам во Ерусалим не знаејќи што ќе ми се случи во него.

23 Освен што Светиот Дух ми сведочи, во секој град, велејќи дека ме чекаат окови и маки.

24 Но мене ни најмалку не ми е за душата; само да го завршам радосно својот пат и службата, која ја примив од Господа Исуса: да го посведочам потполно Евангелието на Божјата благодат.

25 И еве, сега знам дека сите вие, меѓу кои поминав проповедајќи го Царството Божјо, не ќе го видите веќе моето лице.

26 Затоа ви сведочам во овој ден дека сум чист од крвта на сите вас;

27 зашто не пропуштив да ви ја соопштам целокупната Божја намера.

28 Внимавајте на себе и на целото стадо, во кое Светиот Дух ве постави за надгледувачи, за да ја пасете Божјата Црква, која Тој ја придоби со Својата крв.

29 Јас знам дека по моето заминување, ќе навлезат меѓу вас свирепи волци, кои нема да го штедат стадото;

30 а и од вас самите ќе станат мажи, кои ќе зборуваат изопачено, за да ги одвлечат учениците по себе.

31 Затоа, бдејте и помнете дека три години - ноќе и дење - не прекратив да го советувам со солзи секој еден од вас!

32 И сега ве препорачувам на Бога и на Словото на Неговата благодат, кое е во состојба да изградува и да даде наследство меѓу сите осветени.

33 Сребро или злато или облека не посакав од никого.

34 Самите знаете дека овие раце им послужија на моите потреби и на оние, кои беа со мене.

35 Во сè ви покажав дека така треба да се трудите и да им помагате на немоќните, и да си спомнувате на зборовите на Господа Исуса, како Самиот што рече: ‘Поблажено е да се дава, отколку да се прима.’”

36 Кога го рече тоа, клекна на колена и се помоли со сите нив.

37 Тогаш сите заплакаа гласно, и паднаа во прегратка на Павла и го целиваа;

38 нажалени најмногу од зборот што го рече дека веќе нема да го видат неговото лице. И го испратија до бродот.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28