1 Во тоа време царот Ирод се зафати да измачува некои, кои и припаѓаа на црквата.
2 И го погуби со меч Јовановиот брат Јаков.
3 И кога виде дека тоа им се допадна на Јудејците, го фати и Петра, а беа денови на бесквасните лебови.
4 Го фати и го фрли во темница, предавајќи им го на четири стражи - од по четири војника - да го чуваат, со намера да го изведе пред народот по Пасхата.
5 И така, Петра го чуваа во темницата, а црквата постојано Му се молеше на Бога за него.
6 И кога Ирод сакаше да го изведе, во истата ноќ Петар спиеше меѓу двајца војници, окован во двојни вериги, а стражарите пред вратата ја чуваа темницата.
7 И ете, Господов ангел застана и светлина блесна во собата. Тој го чукна Петра по ребрата, го разбуди и му рече: „Стани бргу!” И веригите му паднаа од рацете.
8 Тогаш ангелот му рече: „Опаши се и обуј ги своите сандали!” Петар направи така. И му рече уште: „Наметни ја својата облека и дојди по мене!”
9 И излезе и тргна по него и не знаеше, дека тоа што ангелот го направи е вистинско, но мислеше дека гледа привид.
10 Така ги изминаа првата и втората стража и дојдоа до железната врата, која води во градот; таа им се отвори сама. И излегоа и преминаа една улица, а ангелот веднаш отстапи од него.
11 И кога Петар дојде на себеси, рече: „Сега навистина знам дека Господ го пратил Својот ангел, и ме избави од Иродовата рака и од сè што очекуваше јудејскиот народ.”
12 Согледувајќи го тоа, дојде до куќата на Марија, мајката на Јована, наречен Марко - каде беа собрани мнозина да се молат.
13 И кога чукна на дворната врата, дојде слугинката, по име Рода, да наслушне.
14 И кога го препозна Петровиот глас, од радост не ја отвори вратата, туку втрча и јави дека Петар стои пред вратата.
15 А тие и рекоа: „Ти си луда!” Но таа и натаму тврдеше дека е вистина. Тие рекоа: „Тоа е неговиот ангел.”
16 А Петар продолжуваше да чука. И кога ја отворија вратата, го видоа и се восхитија.
17 Тој им мавна со раката да молчат и им раскажа како Господ го изведе од темница и рече: „Јавете им за ова на Јакова и на браќата!” Потоа излезе и отиде на друго место.
18 А кога се раздени, настана не мал смут меѓу војниците: што бидна со Петра?
19 И кога го побара, и не го најде, Ирод ги сослуша стражарите и заповеда да ги погубат, и слезе од Јудеја во Ќесарија и таму престојуваше.
20 И беше гневен на Тирците и Сидонците, но тие дојдоа еднодушно при него, и откако го придобија царевиот собар Власта, замолија за мир, зашто нивната земја внесуваше храна од царската земја.
21 Во определениот ден Ирод, облечен во царска облека, седна на престолот пред народот и одржа говор пред нив.
22 А народот извика: „Глас Божји, а не човечки!”
23 Тогаш веднаш, Господов ангел го удри, зашто не му воздаде слава на Бога, и беше изеден од црви и издивна.
24 А Божјото слово растеше и се умножуваше.
25 А Варнава и Савле, откако ја исполнија службата, се вратија од Ерусалим, земајќи го со себе Јована, наречен Марко.