Дела Ап. 16 MKB

1 И така пристигна во Дервија и Листра. И ете, таму беше еден ученик по име Тимотеј, син на Јудејка, која веруваше, и на татко Грк.

2 Браќата во Листра и Иконија сведочеа добро за него.

3 Павле посака да го поведе со себе; го зеде и го обреза заради Јудејците, кои беа по оние места: зашто сите знаеја дека татко му е Грк.

4 И додека одеа по градовите, им ги предаваа одредбите што беа определени од апостолите и старешините во Ерусалим, за да ги пазат.

5 А црквите така се утврдуваа во верата и секој ден нивниот број беше сè поголем.

6 Ги поминаа Фригиската и Галатската Земја, зашто Светиот Дух им забрани да го проповедаат словото во Азија.

7 А кога дојдоа спроти Мисија, се обидоа да отидат во Витанија, но Исусовиот Дух не им дозволи.

8 И така, поминаа низ Мисија и слегоа во Троада.

9 И на Павла му се јави ноќно видение: некој Македонец застана пред него и му се молеше, велејќи: „Дојди во Македонија - помогни ни!”

10 И кога го виде видението, веднаш побаравме да отидеме понатаму во Македонија, заклучувајќи дека Бог нè повикал да им го проповедаме Евангелието.

11 Потоа отпловивме од Троада и патувавме право кон Самотрак, а на идниот ден во Неапол,

12 а оттаму во Филипи, римска колонија и прв град во оној дел на Македонија. Во тој град престојувавме неколку дена.

13 А во саботата излеговме надвор од градската врата, кон реката, каде што имаа обичај да се молат. И седнавме и им зборувавме на собраните жени.

14 И некоја богобојазлива жена по име Лидија, продавачка на пурпурно платно од градот Тиатир, слушаше; и Господ и го отвори срцето да внимава на Павловите зборови.

15 А кога беше крстена таа, и нејзиниот дом, нè замоли, велејќи: „Ако ме признавате за верна на Господа, влезете во мојот дом и останете.” И нè принуди.

16 А кога еднаш одевме на молитва, нè сретна некоја девојка, слугинка, која имаше претскажувачки дух, и која, со вражање, им донесуваше голема печалба на своите господари.

17 Таа одеше по Павла и по нас, викајќи: „Овие луѓе се слуги на Сèвишниот Бог; кои ни проповедаат пат на спасение.”

18 Тоа го правеше многу денови. А кога му досади на Павла, се заврти и му рече на духот: „Ти заповедам во името на Исуса Христа да излезеш од неа!” И излезе во истиот час.

19 Кога нејзините господари видоа дека излезе и нивната надеж за печалба, ги одвлекоа Павла и Сила до пазарот пред началниците.

20 Кога ги приведоа пред заповедниците, рекоа: „Овие луѓе, кои се Јудејци, го бунат нашиот град

21 и проповедаат обичаи, кои ние како Римјани, не смееме да ги прифатиме ни да ги вршиме.”

22 И заедно, се крена народот против нив, а заповедниците им ги скинаа облеките и наредија да ги бијат со стапови.

23 И откако им удрија многу стапови, ги фрлија во темница и му заповедаа на темничарот да ги чува добро.

24 Откако прими таква заповед, тој ги фрли во внатрешниот дел на темницата, и нозете им ги стави во клада.

25 Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа.

26 Но одеднаш стана силен потрес, така што се стресоа основите на темницата: во истиот миг се отворија сите врати, и на сите им паднаа оковите.

27 А чуварот на темницата се разбуди и кога ги виде отворените врати на темницата, го извади мечот и сакаше да се убие, мислејќи дека затворениците избегале.

28 Но Павле викна со силен глас, велејќи: „Не прави си себеси никакво зло, зашто сите сме тука!”

29 А тој побара светлина, истрча внатре и треперејќи падна пред Павле и Сила;

30 ги изведе и рече: „Господини, што треба да правам за да се спасам?”

31 Тие пак рекоа: „Верувај во Господа Исуса и ќе се спасиш ти и твојот дом.”

32 И им го проповедаа Господовото слово нему и на сите, кои беа во неговиот дом.

33 И тој ги зеде во истиот час на ноќта, им ги изми раните од ударите и веднаш се крсти и тој и сите негови.

34 Тогаш ги одведе горе во куќата, постави трпеза, и се зарадува со целиот дом, зашто поверува во Бога.

35 А кога се раздени, заповедниците испратија судски службеници и рекоа: „Пушти ги оние луѓе!”

36 Темничарот му ги рече тие зборови на Павла, велејќи: „Заповедниците пратија да ве пуштам. Затоа сега излезете и одете си со мир!”

37 Но Павле им рече: „Откако нас, римски граѓани, без претходна истрага, јавно нè биеја и нè фрлија во темница; а сега сакаат да нè пуштат тајно? Никако! Туку самите да дојдат и нека нè изведат!”

38 Судските служители им ги соопштија овие зборови на заповедниците, а тие се исплашија кога чуја дека се римски граѓани

39 и дојдоа, се извинија; ги изведоа и ги замолија да си отидат од градот.

40 И кога излегоа така од темницата, дојдоа при Лидија, ги видоа браќата и ги утешија, и си отидоа.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28