1 И апостолите и браќата во Јудеја чуја дека и народите го примиле Божјото слово,
2 и кога Петар дојде горе во Ерусалим, обрезаните се препираа со него,
3 велејќи: „Влезе кај необрезани луѓе и јадеше со нив!”
4 Тогаш Петар почна да им зборува и да им излага редум:
5 ”Бев во градот Јопија и се молев; и во занес имав видение, како некаков сад, како големо платно, што на своите четири краишта слегува од небото, и дојде до мене.
6 Кога погледнав во него и разгледав, видов во него четвороножни земни животни, и ѕверови, и лазачи и небесни птици.
7 И чув глас, кој ми рече: „Стани, Петре! Коли и јади!”
8 А јас реков: „Не, Господи, зашто ништо погано или нечисто никогаш не влегло во мојата уста.
9 Тогаш гласот од небото ми рече по вторпат: „Она што Бог го очистил, не наречувај го нечисто!”
10 Тоа се случи трипати и пак сè беше одвлечено горе на небо.
11 И, ете, во тој час три човека, испратени од Ќесарија до мене, застанаа пред куќата во која бевме.
12 Тогаш Духот ми рече да одам со нив, не размислувајќи. И овие шестмина браќа дојдоа со мене и влеговме во куќата на човекот.
13 Тогаш тој ни раскажа како во својата куќа видел ангел, кој застанал и му рекол: „Прати во Јопија и повикај го Симона, кој се вика Петар!
14 Тој ќе ти каже зборови, преку кои ќе се спасиш ти и целиот твој дом.”
15 И кога почнав да зборувам, Светиот Дух слезе на нив, како и на нас во почетокот.
16 Тогаш се сетив на Господовите зборови: „Јован крштаваше со вода, а вие ќе бидете крстени во Светиот Дух.
17 И така, ако Бог им даде ист дар, кога поверуваа во Господа Исуса Христа, како и нам, кој сум јас да можам да Му го забранам тоа на Бога?”
18 Кога го чуја тоа, се смирија и Го славеа Бога, велејќи: „И така, Бог им даде и на народите покајание за живот!”
19 А оние, кои беа распрснати заради гонењето, по Стефана, поминаа сè до Феникија, Кипар и Антиохија, не проповедајќи му го никому Словото, освен на Јудејците.
20 А некои од нив беа Кипарци и Киринејци, кои - кога дојдоа во Антиохија - им зборуваа и на Грците, навестувајќи Го Господа Исуса.
21 И Господовата рака беше со нив и голем број поверува и Му се обрати на Господа.
22 И кога веста за нив дојде до ушите на црквата во Ерусалим, го испратија Варнава во Антиохија.
23 Тој дојде и ја виде Божјата благодат, се зарадува и ги опоменуваше сите да останат во Господа со одлучно срце.
24 Имено, тој беше добар човек, полн со Светиот Дух и со вера; и големо множество се присоедини кон Господа.
25 Тогаш отиде во Тарс да го побара Савла; и кога го најде, го доведе во Антиохија.
26 И така, цела година се собираа во црквата и поучија големо множество. И прво во Антиохија учениците ги нарекоа христијани.
27 Во тие денови пророци од Ерусалим слегоа во Антиохија.
28 И едниот од нив, по име Агав, стана и објави преку Духот, дека ќе биде голем глад по целиот свет; која и беше при Клаудиј.
29 Тогаш учениците одлучија - секој според своите можности да им испрати помош на браќата во Јудеја.
30 Тоа и го направија, испраќајќи им на старешините преку Варнава и Савла.