Дела Ап. 17 MKB

1 И кога поминаа преку Амфипол и Аполонија, пристигнаа во Солун, каде имаше јудејска синагога.

2 И по својот обичај Павле влезе при нив и, три саботи редум, расправаше со нив од Писмото,

3 толкувајќи и докажувајќи дека Христос требаше да пострада и да воскресне од мртвите и дека е Тој Месија - Исус, „Кого јас ви Го проповедам.”

4 И некои од нив се убедија и се дружеа со Павла и Сила; а исто така и големо множество побожни Грци и не малку угледни жени.

5 Но Јудејците поттикнати од завист, зедоа неколку лоши улични мажи, собраа народ и предизвикаа неред во градот и ја нападнаа Јасоновата куќа, и бараа да ги изведат пред народот.

6 А кога не ги најдоа, ги одвлекоа Јасона и некои од браќата пред градските началници, викајќи: „Оние, кои го превртеа наопаку целиот свет, дојдоа и тука!

7 И Јасон ги прими! И сите тие работат против ќесаревите заповеди, тврдејќи дека има друг цар - Исус!”

8 Така ги побунија народот и градските началници, кога го чуја тоа;

9 и откако добија сигурност од Јасона и од другите, ги пуштија.

10 А браќата веднаш, уште во ноќта, ги испратија Павла и Сила во Берија; тие, кога дојдоа таму, отидоа во јудејската синагога.

11 Овие беа поблагородни од оние во Солун, зашто го примија Словото сосем подготвено, и секој ден го испитуваа Писмото дали е така.

12 И мнозина од нив поверуваа; а од угледните елински жени и мажи - не малку.

13 А кога солунските Јудејци узнаа дека Павле и во Берија го проповеда Божјото слово; дојдоа и таму и го раздвижија и го побунија народот.

14 Тогаш браќата веднаш го испратија Павла кон приморјето. А Сила и Тимотеј останаа таму.

15 Придружниците пак го доведоа Павла до Атина, и откако примија заповед за Сила и Тимотеј, да дојдат што поскоро при него, заминаа.

16 Додека Павле ги чекаше во Атина, духот му се огорчи длабоко, гледајќи го градот полн со идоли.

17 И расправаше со Јудејците во синагогата и со побожните; и секој ден на собиралиштето со оние, кои би се нашле таму;

18 А некои од епикурејските и стоичките философи почнаа да се препираат со него; па едни велеа: „Што сака да каже овој празнословец?” А други: „Се гледа дека проповеда туѓи богови,” зашто проповедаше за Исуса и за воскресението.

19 Тогаш го зедоа, го одведоа на Ареопагот и рекоа: „Можеме ли да знаеме каква е таа нова наука, што ја проповедаш?

20 Со чудни тврдења ни ги полниш ушите; затоа сакаме да знаеме што е тоа?”

21 А сите Атињани и странците меѓу нив имаа време само за тоа да кажат или да чујат некаква новост.

22 Тогаш Павле застана среде Ареопагот и рече: „Луѓе Атињани! Гледам по сè дека сте многу побожни.

23 Имено, минувајќи и набљудувајќи ги вашите светини, најдов и жртвеник, на кого е напишано: ‘На непознатиот Бог.’ И така, тоа што вие не познавајќи го - го почитувате, јас ви го проповедам тоа.

24 Бог, Кој го создаде светот и сè што е во него, како Господар на небото и на земјата, не живее во ракотворни храмови

25 ниту прима служба од човечки раце, како да има потреба од нешто; бидејќи Тој, Самиот, им дава на сите: живот, здив и сè.

26 Тој, исто, направи целиот човечки род да потекнува од еден човек и да се насели по лицето на целата земја; откако им определи одредени времиња и граници на нивните живеалишта,

27 за да Го бараат Бога; не би ли Го напипале и нашле некако, зашто Тој не е далеку од ниеден од нас.

28 Зашто во Него живееме, се движиме и постоиме, како што и некои од вашите поети рекле: ‘И ние сме Негов род.’

29 И бидејќи сме Божји род, не треба да мислиме дека Божеството е како злато, или сребро или камен; како творба на човечката уметност и замисла.

30 И така, не гледајќи на времињата на незнаењето - Бог сега им заповеда на луѓето да се покајат сите и насекаде,

31 зашто определил ден, кога ќе му суди праведно на целиот свет - преку Човекот Кого Го определил за тоа; давајќи им на сите уверување со тоа што Го воскресна од мртвите.”

32 А кога чуја за воскресението од мртвите, едни се подигруваа, а други рекоа: „Ќе те слушаме друг пат за тоа.”

33 Така Павле си отиде од нив.

34 Сепак некои мажи се прилепија при него и поверуваа; меѓу кои беа и Дионисиј Ареопагит, жената по име Дамара и други со нив.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28