Дела Ап. 10 MKB

1 Во Ќесарија беше некој човек, по име Корнелиј, стотник во таканаречениот Италиски полк;

2 беше побожен и богобојазлив со сиот свој дом; кој му даваше многу милостини на народот и Му се молеше на Бога постојано.

3 Околу деветтиот час на денот, виде јасно во видение Божји ангел, како доаѓа при него и му рече: „Корнелиј!”

4 А тој погледна во него и исплашен рече: „Што е, Господи?” Му рече: „Твоите молитви и твоите милостини се воздигнаа до Бога и Тој си спомнува за нив.

5 И сега, испрати луѓе во Јопија и повикај некој Симон, кој се вика Петар.

6 Тој му е гостин на некој Симон, кожар, чија куќа е покрај морето; тој ќе ти каже што треба да направиш.”

7 И кога си отиде ангелот, кој му зборуваше, повика двајца свои слуги и еден побожен војник, од оние, кои беа постојано покрај него,

8 и им кажа сè и ги испрати во Јопија.

9 А утреден, додека тие патуваа и наближуваа до градот, Петар излезе околу шестиот час, се качи на покривот на куќата, да се помоли.

10 Огладне и посака да јаде; и додека му приготвуваа јадење, тој имаше видение:

11 и виде отворено небо и некаков сад како големо платно да слегува и се спушта со своите четири краишта на земјата.

12 Во него беа сите четвороножни животни, и земни лазачи, и небесни птици.

13 И еден глас му рече: „Стани, Петре, заколи и јади!”

14 А Петар рече: „Никако, Господи, зашто уште никогаш не сум јал нешто погано и нечисто!”

15 И гласот повторно му се јави: „Она што Бог го очистил, ти не наречувај го погано!”

16 И тоа се случи трипати, и садот веднаш беше земен на небо.

17 И додека Петар беше во недоумение во себе, што би можело да значи видението, што го виде; ете, луѓето испратени од Корнелиј, откако се распрашаа за Симоновата куќа, застанаа пред вратата,

18 и прашаа: „Дали е тука на гости Симон, наречен Петар?”

19 И додека Петар уште размислуваше за видението, Духот му рече: „Еве, те бараат тројца мажи;

20 туку стани, слези и оди со нив не размислувајќи, зашто Јас ги пратив!”

21 Тогаш Петар слезе при луѓето, испратени од Корнелиј при него и рече: „Еве, јас сум оној, кого го барате. Зошто дојдовте?”

22 А тие рекоа: „Стотникот Корнелиј - маж праведен и богобојазлив, посведочен од целиот јудејски народ, прими заповед од свет ангел да те повика во својот дом и да чуе зборови од тебе.”

23 Тогаш ги повика внатре и ги нагости. А утреден стана и отиде со нив, и некои браќа од Јопија отидоа со него.

24 На другиот ден влегоа во Ќесарија, а Корнелиј ги чекаше, откако ги повика своите роднини и блиските пријатели.

25 А кога Петар влегуваше, Корнелиј му излезе во пресрет, падна пред неговите нозе и се поклони.

26 А Петар го подигна, велејќи: „Стани! И јас сум само човек!”

27 И разговарајќи со него, влезе и најде мнозина собрани.

28 И им рече: „Вие знаете дека на Јудеец не му прилега да се дружи со човек од друг род и да доаѓа при него. Но, мене Бог ми покажа никого да не наречувам поган или нечист.

29 Затоа дојдов без приговор, кога ме повикавте. Затоа прашувам - по која причина ме повикавте?”

30 И Корнелиј рече: „Пред четири дена, во овој час, во деветтиот час, се молев во својот дом;

31 и ете, пред мене застана човек во светла облека и рече: ‘Корнелиј, послушана е твојата молитва и Бог си спомна за твоите милостини.

32 И така, испрати некого во Јопија и повикај го Симона, кој се вика Петар! Тој е гостин во куќата на Симона, кожарот, покрај морето; кога тој ќе дојде ќе ти зборува.’

33 И веднаш пратив при тебе, и ти направи добро што дојде. Сега тука, сите сме пред Бога, за да чуеме сè што Господ ти заповедал.”

34 Тогаш Петар ја отвори устата и рече: „ Вистина гледам дека Бог не гледа на лице,

35 туку Нему Му е мил во секој народ оној, кој се бои од Него и кој прави правда.

36 Вие го знаете Словото што им го испрати на Израелевите синови, објавувајќи го Евангелието на мирот преку Исуса Христа; Овој е Господ на сите.

37 Вие знаете што се случи по сета Јудеја, почнувајќи од Галилеја, по крштавањето што го проповедаше Јован;

38 Го знаете Исуса од Назарет, како Бог Го помаза со Светиот Дух и со сила, Кој помина правејќи добрини и оздравувајќи ги сите, кои ѓаволот ги измачуваше, зашто Бог беше со Него.

39 И ние сме сведоци за сè што направи во Јудејската Земја и во Ерусалим; Него Го убија обесувајќи Го на дрво.

40 Него Бог Го воскресна на третиот ден и Му даде да се јави,

41 но не на сите луѓе, а на однапред од Бога избраните сведоци - нам, кои јадевме и пиевме со Него по Неговото воскресение од мртвите.

42 И Тој ни заповеда да му проповедаме на народот и да сведочиме дека Тој е од Бога определениот Судија на живите и мртвите.

43 Сите пророци сведочат за Него, дека секој кој верува во Него, ќе добие преку Неговото име опростување на гревовите.”

44 Додека Петар уште ги зборуваше тие зборови, Светиот Дух слезе на сите, кои го слушаа словото;

45 и се зачудија обрезаните верници, кои дојдоа со Петра, дека и на народите се излеа дарот на Светиот Дух;

46 зашто ги чуја како зборуваат јазици и Го величаат Бога. Тогаш Петар рече:

47 ”Може ли некој да им ја забрани водата, да не се крстат овие, кои Го примија Светиот Дух како и ние?”

48 И заповеда да ги крстат во името на Исуса Христа. Тогаш го замолија да остане уште неколку денови.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28