Дела Ап. 2 MKB

1 А кога дојде денот на Педесетница, сите беа заедно на исто место.

2 И одненадеж стана шум од небото, како кога дува силен ветер и ја исполни целата куќа, во која седеа.

3 И им се јавија јазици како од оган, кои се разделија и над секого од нив застана по еден.

4 И тие сите се наполнија со Светиот Дух, и почнаа да зборуваат на други јазици, како што Духот им даваше да говорат.

5 А тогаш се наоѓаа во Ерусалим побожни Јудејци, од сите народи под небото.

6 И кога се чу шумот, се собра народот и се збуни, зашто секој слушаше како зборуваат на неговиот јазик.

7 Сите се восхитуваа и чудеа, велејќи: „Ете, зар сите што зборуваат не се Галилејци?

8 Тогаш како ние го слушаме секој својот јазик, во кој сме родени?

9 Партјаните, и Мидјаните и Елемитите и жителите на Месопотамија, Јудеја и Кападокија, Понт и Азија,

10 Фригија и Памфилија, Египет и од краиштата на Ливија, околу Киринија; и Римјаните кои дошле, Јудејците и прозелитите,

11 Критјаните и Арабјаните: ги слушаме како зборуваат на нашите јазици, за големите Божјите дела.”

12 Сите се восхитуваа и во недоумение си велеа еден на друг: „Што може да биде ова?”

13 Други пак се подсмевнуваа и велеа: „Се напиле слатко вино!”

14 А Петар стана, со Единаесетмината, и го поткрена гласот и им рече: „Јудејци и сите вие, кои живеете во Ерусалим! Знајте го ова и послушајте ги моите зборови!

15 Овие луѓе не се пијани, како што мислите вие - зашто е едвај третиот час на денот -

16 туку тоа е кажаното преку пророкот Јоил:

17 ’Во последните денови - вели Господ - ќе излеам од Својот Дух на секое тело, и вашите синови и вашите ќерки ќе пророкуваат, и вашите младинци ќе гледаат виденија, а вашите старци ќе сонуваат соништа.

18 Исто така, во тоа време, и на Своите слуги и на Своите слугинки ќе излеам од Мојот Дух и ќе пророкуваат.

19 Ќе направам чудеса горе на небото, а знаци долу на земјата; крв и оган и пареа од дим.

20 Сонцето ќе се претвори во темнина, и месечината во крв, пред да дојде великиот и славен Господов ден.

21 И секој кој ќе го повика Господовото име, ќе се спаси.’

22 Мажи Израелци! Чујте ги овие зборови: Бог во вашата средина Го потврди Исуса Назареецот со сили, чуда и знаци, што Бог ги направи преку Него меѓу вас, како што знаете самите.

23 Вие, Него, откако беше предаден според одредената волја и промисла Божја, преку рацете на беззакониците Го распнавте и убивте,

24 но Бог Го ослободи од смртните болки и Го подигна, зашто не беше можно смртта да Го задржи.

25 Зашто Давид вели за Него: ‘Постојано Го гледам Господа пред себе; Тој ми е оддесно, за да не се поместам.

26 Затоа се развесели моето срце и се зарадува мојот јазик; а и моето тело ќе почива во надеж;

27 зашто нема да ја оставиш мојата душа во Подземјето, ниту ќе дозволиш Твојот Светец да види распаѓање.

28 Ти ми ги покажа патиштата на животот, ќе ме исполниш со веселба пред Своето лице.’

29 Мажи, браќа! Можам да ви речам слободно за патријархот Давид, дека умре и беше погребан и дека неговиот гроб е при нас до денешен ден.

30 Но, бидејќи беше пророк и зашто знаеше дека Бог му вети со заклетва, дека од родот на неговите бедра ќе подигне Некого, на неговиот престол,

31 предвидувајќи за воскресението на Христа, рече: ‘Ниту беше оставен во Подземјето, ниту телото Му се распадна.’

32 Бог Го воскресна Овој Исус, за кое ние сите сме сведоци.

33 И така подигнат со Божјата десница, Тој Го прими од Таткото ветениот Свети Дух, и го излеа ова, што го гледате и слушате.

34 Зашто Давид не се вознесе на небесата, но самиот рече: ‘Му рече Господ на мојот Господ: седни оддесно до Мене;

35 додека не ги положам Твоите непријатели како подножје на Твоите нозе!’

36 И така, нека сиот Израелев дом знае веродостојно дека Бог Го направи Господ и Христос, Овој Исус, Кого вие Го распнавте!”

37 А кога го чуја тоа, ги засегна во срцето и му рекоа на Петра, и на другите апостоли: „Мажи, браќа, што да правиме?”

38 А Петар им рече: „Покајте се! И секој од вас нека се крсти во името на Исуса Христа за проштавање на вашите гревови; и ќе примите дар од Светиот Дух.

39 Зашто, ова ветување е за вас, и за вашите деца, и за сите далечни, колку што ќе ги повика Господ, нашиот Бог.”

40 И уште со многу други зборови сведочеше и ги опоменуваше, велејќи: „Спасете се од ова расипано поколение!”

41 И така, се крстија оние, кои го прифатија неговото слово. И во тој ден се приклучија околу три илјади души.

42 И беа постојани во апостолското учење и општувањето; и во раскршувањето на лебот и во молитвите.

43 А страв влезе во секоја душа, зашто апостолите правеа многу чудеса и знаци.

44 А сите кои поверуваа беа заедно и сè им беше општо.

45 И продаваа стоки и имоти и тоа го делеа на сите, секому според неговата потреба.

46 И секој ден беа постојано и еднодушно во Храмот; раскршуваа леб по домовите и примаа храна со радост и просто срце,

47 фалејќи Го Бога беа омилени кај сиот народ. А секој ден, Господ ги додаваше оние, кои се спасуваа.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28