1 Во Иконија влегоа заедно во јудејската синагога, и зборуваа така, што поверува големо множество Јудејци и Грци.
2 Но Јудејците, кои не ги послушаа, ги побунија и ги огорчија душите на многубошците против браќата.
3 Овие пак останаа тука долго време, проповедајќи смело, во Господа, Кој сведочеше за словото на Својата благодат и овозможуваше нивните раце да прават знаци и чуда.
4 И множеството во градот се раздели: едни беа со Јудејците, а други со апостолите.
5 Кога многубошците и Јудејците, со своите старешини, се нафрлија врз нив да ги измачуваат и да ги убијат со камења,
6 тие научија за тоа и избегаа во ликаонските градови, Листра и Дарвија, и во нивната околина,
7 и таму го проповедаа Евангелието.
8 Во Листра седеше некој човек немоќен во нозете, хром од мајчината утроба, кој никогаш не одел.
9 Тој го слушаше Павла кога зборуваше, а кога Павле го погледна виде дека има вера за исцелување,
10 и му рече со силен глас: „Исправи се на своите нозе!” И тој скокна и прооде.
11 А множеството народ кога виде што направи Павле, го подигна својот глас, велејќи на ликаонски: „Боговите станаа како луѓе и слегоа при нас!”
12 И го нарекоа Варнава - Зевс, а Павла - Хермес, зашто тој беше началник на словото.
13 А свештеникот на Зевсовото светилиште, што се наоѓаше пред градот, доведе јунци и донесе венци пред вратата и сакаше, заедно со народот, да принесе жртва.
14 Но кога го чуја тоа апостолите, Варнава и Павле, ги раскинаа своите облеки се втурнаа меѓу народот и извикаа,
15 велејќи: „Мажи, зошто го правите тоа? И ние сме луѓе како вас! Но ви проповедаме да се обратите, од тие суети, кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сè што е во нив;
16 Кој во минатите поколенија ги пушти сите народи да одат по своите патишта,
17 и сепак никогаш не прекратуваше да сведочи за Себеси со Своите добрини, давајќи ви од небото дождови и плодоносни времиња и полнејќи ги вашите срца со храна и веселба.”
18 И зборувајќи за тоа, одвај успеаја да го запрат народот да не им принесе жртва.
19 Но стигнаа Јудејци од Антиохија и Иконија и го наговорија народот; го каменуваа Павла и го извлекоа од градот, мислејќи дека е мртов.
20 Меѓутоа, кога учениците се собраа околу него, тој стана и влезе во градот. А утреден отиде со Варнава во Дерва.
21 Откако го навестија Евангелието во оној град и придобија многу ученици, се вратија во Листра, Иконија и Антиохија;
22 ги утврдуваа душите на учениците и ги советуваа да бидат постојани во верата, и дека треба преку многу неволји да влезат во Божјото Царство.
23 И кога им определија старешини, во одделните цркви, се помолија со пост и Му ги предадоа на Господа, во Кого поверувале.
24 Потоа поминувајќи низ Писидија, дојдоа во Памфилија;
25 и, откако го проповедаа словото во Перга, слегоа во Аталија;
26 а оттаму отпловија во Антиохија, откаде и беа предадени на Божјата благодат за делото што го завршија.
27 И кога пристигнаа и ја собраа црквата, раскажаа, што сè направил Бог со нив, и како им ја отворил вратата на верата на народите.
28 И останаа подолго време со учениците.