Дела Ап. 18 MKB

1 Потоа Павле тргна од Атина и дојде во Коринт.

2 Таму најде еден Јудеец по име Акила, родум од Понт, кој неодамна беше дошол од Италија, заедно со својата жена Прискила, зашто Клаудиј заповеда сите Јудејци да го напуштат Рим. Дојде при нив,

3 зашто беше со истиот занает, остана кај нив и работеше; зашто нивниот занает беше да прават шатори.

4 А секоја сабота расправаше во синагогата и ги убедуваше Јудејците и Грците.

5 А кога Сила и Тимотеј слегоа од Македонија, Павле беше подбудуван во духот ревносно да сведочи на Јудејците дека Исус е Месија.

6 Но, бидејќи тие се противеа и хулеа, тој ги истресе своите облеки и им рече: „Вашата крв на вашите глави! Јас сум чист и отсега ќе одам при народите.”

7 И се премести оттаму и дојде во домот на некој си Тициј Јуст, богобојазлив човек, а чија куќа беше до синагогата.

8 И Крисп, началник на синагогата, со целиот свој дом, поверува во Господа; и многу Коринтјани, кои го слушаа, поверуваа и се крштаваа.

9 А Господ му рече на Павла, ноќе, во видение: „Не бој се! Но зборувај и не замолкнувај,

10 зашто Јас Сум со тебе! И никој нема да те допре, за да ти направи некакво зло, зашто имам многу народ во овој град.”

11 И така преседе година и шест месеци и ги поучуваше во Божјото слово.

12 А кога Галион беше управител на Ахаја, Јудејците се подигнаа еднодушно против Павла и го доведоа пред судската столица,

13 велејќи: „Овој човек ги наговорува луѓето да Го почитуваат Бога спротивно на Законот.”

14 Кога Павле сакаше да ја отвори устата, Галион им рече на Јудејците: „Ако беше прашање за некаква неправда или за зло дело, о Јудејци, се разбира, би требало да ве трпам.

15 Но ако тоа е прашање за некој збор, за имињата и за вашиот Закон, разгледајте сами; јас не сакам да бидам судија во тие работи.”

16 И ги истера од судската столица.

17 Тогаш сите Грци го фатија началникот на синагогата Состена и го биеја пред судската столица, а Галион не сакаше ни да знае за тоа.

18 Павле остана таму уште многу денови; и тогаш се прости со браќата и отплови за Сирија, а со него Прискила и Акила; во Кенхреја ја острига главата, зашто имаше завет за тоа.

19 А кога стигнаа во Ефес, ги остави, а самиот влезе во синагогата да расправа со Јудејците.

20 А кога го замолија да остане подолго време, не се согласи,

21 туку се прости со нив и рече: „Бездруго празникот што иде треба да го поминам во Ерусалим; и ако Му биде угодно на Бога, пак ќе се вратам при вас.” И отплови за Ефес.

22 Кога стигна во Ќесарија, се искачи во Ерусалим; ја поздрави црквата и слезе во Антиохија.

23 И откако помина таму некое време, излезе и ги обиколуваше редум Галатската област и Фригија, утврдувајќи ги сите ученици.

24 А некој си Јудеец, по име Аполос, родум Александриец, човек красноречив и мошне упатен во Писмата, дојде во Ефес.

25 Тој беше поучен во Господовиот Пат, и со својот распален дух зборуваше и учеше точно за Исуса, иако го знаеше само Јовановото крштавање.

26 Тој почна да проповеда смело во синагогата; а кога чуја Прискила и Акила го зедоа при себе, и му го изложија поточно Божјиот Пат.

27 Кога сакаше да замине за Ахаја, браќата го охрабрија и им напишаа на учениците да го примат. Кога дојде, многу им помогна на оние, кои беа поверувале преку благодатта;

28 зашто тој силно и јавно ги побиваше Јудејците, докажувајќи од Писмата дека Исус е Христос.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28