Дела Ап. 27 MKB

1 А кога беше решено да отпловиме за Италија, му ги предадоа Павла и некои други затвореници на еден стотник од Августовата чета, по име Јулие.

2 Влеговме во еден адрамиски брод, кој ќе пловеше во азиски приморски места и испловивме; со нас беше Аристарх, Македонец од Солун.

3 На другиот ден пристигнавме во Сидон, и Јулие - кој постапуваше човекољубиво со Павла, му дозволи да отиде при своите пријатели, за да се погрижат за него.

4 А кога тргнавме оттаму, пловевме во завет под Кипар, зашто ветровите беа спротивни.

5 Откако го препловивме морето покрај Киликија и Памфилија, стигнавме во Ликиска Мира.

6 Таму стотникот најде еден александриски брод, што пловеше за Италија, и нè префрли во него.

7 Повеќе денови пловевме бавно и одвај стигнавме спроти Книд; бидејќи ветерот ни пречеше да допловиме таму, пловевме покрај Салмона, во завет на Крит.

8 Пловејќи со мака покрај брегот, стигнавме до едно место, наречено Добри Пристаништа, близу кое беше градот Ласеја.

9 Но кога помина многу време, а пловењето веќе беше опасно, зашто и постот веќе беше минал, Павле ги советуваше,

10 велејќи им: „Мажи, гледам дека пловењето ќе биде со мака и со голема загуба не само за товарот и бродот, туку и за нашите души.”

11 Но стотникот повеќе им веруваше на кормиларот и на сопственикот на бродот отколку на Павловите зборови.

12 Бидејќи пристаништето не беше згодно за зимување, повеќето одлучија да се отплови оттаму, - за да стигнат, ако некако би било возможно, до критското пристаниште Финик, што гледа кон југозапад и северозапад, и да презимуваат таму.

13 А кога дувна јужниот ветер, помислија дека можат да ја остварат својата намера, ја дигнаа котвата и запловија сосем покрај Крит.

14 Но скоро после тоа задува од Крит бурен ветер, наречен североисточник;

15 и кога го зафати коработ, кој не можеше да му се противставува на ветерот; му се предадовме и така нè носеше;

16 и кога поминувавме на завет на едно островче, кое се вика Клавда, одвај можевме да го фатиме чунот,

17 и кога го подигнаа на коработ, ги употребија помошните средства и го изврзаа коработ. Но, боејќи се да не удрат во Сирт, ги спуштија платната и така беа носени натаму.

18 Бидејќи нè зафати жестока бура, на другиот ден почнаа да го исфрлаат товарот;

19 а на третиот ден со свои раце ја исфрлија опремата од коработ.

20 Бидејќи повеќе денови не се покажаа ни сонцето ни ѕвездите, а силната бура не попушташе, најпосле исчезна секоја надеж дека ќе се спасиме.

21 А после долго нејадење, Павле застана меѓу нив и рече: „Мажи, требаше да ме послушате и да не тргнуваме од Крит, и ќе бевме поштедени од оваа неволја и штета.

22 И сега ве опоменувам да бидете бодри, зашто ниедна душа од вас нема да се изгуби, освен коработ.

23 Зашто ангел од Бога, Кому Му припаѓам и Кому Му служам, застана до мене ноќеска,

24 и рече: „Не бој се, Павле! Ти треба да дојдеш пред ќесарот, и еве, Бог ти ги подарува сите, кои пловат со тебе.”

25 Затоа, мажи, бидете смели! Зашто Му верувам на Бога, дека ќе биде така како што ми е ветено.

26 Но, ние треба да бидеме исфрлени на некој остров.”

27 А кога настапи четиринаесеттата ноќ, откако бевме терани таму-ваму по Адрија, околу полноќ, бродарите почувствуваа дека се приближуваме до некоја земја.

28 Го фрлија висакот за мерење на длабочина и најдоа дваесет фати, длабочина. Малку потаму го фрлија пак и најдоа петнаесет фати.

29 Боејќи се да не удриме во гребените, спуштија четири котви од задниот дел на бродот; и чекаа да се раздени.

30 А кога бродарите сакаа да побегнат од бродот и го спуштија чунот во морето, под изговор дека сакаат да ги спуштат котвите од предниот дел на бродот,

31 Павле им рече на стотникот и на војниците: „Ако овие не останат на бродот, вие не можете да се спасите!”

32 Тогаш војниците ги пресекоа јажињата на чунот и го оставија да падне.

33 А пред разденување, Павле ги молеше сите да јадат и рече: „Денес е четиринаесеттиот ден, како чекате и поминувате без јадење, не вкусувајќи ништо.

34 Затоа ве молам да јадете, зашто тоа е за вашето избавување. На ниеден од вас нема да му пропадне ни влакно од главата.”

35 И кога го рече тоа зеде леб и Му благодари на Бога пред сите, го раскрши и почна да јаде.

36 И сите се ободрија, па и самите јадеа.

37 А во бродот нè имаше вкупно двеста седумдесет и шест души.

38 Кога се наситија, го олеснија бродот, исфрлајќи ја пченицата во морето.

39 А кога се раздени, не ја препознаа земјата, но забележаа еден залив со достапен брег и одлучија таму да го натераат бродот, ако биде возможно.

40 Ги одврзаа котвите и ги спуштија во морето, ги разлабавија и јажињата на кормилата и го кренаа предното едро спроти ветерот, и пловеа кон брегот.

41 А кога удрија во гребен, кому му е морето од двете страни, го истераа бродот во плитко, така што предниот дел наседна и остана неподвижен, а задниот дел се кршеше од силата на брановите.

42 Војниците пак наумија да ги убијат затворениците, за да не исплива некој и да побегне.

43 Но стотникот, сакајќи да го спаси Павла, ја спречи нивната намера; и заповеда најнапред да скокнат оние, кои знаат да пливаат, и да излезат на земјата,

44 а другите - едни на даски, а други на какви и да било предмети од бродот. И така стана - сите се спасија на копното.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28