17 И додека Петар беше во недоумение во себе, што би можело да значи видението, што го виде; ете, луѓето испратени од Корнелиј, откако се распрашаа за Симоновата куќа, застанаа пред вратата,
18 и прашаа: „Дали е тука на гости Симон, наречен Петар?”
19 И додека Петар уште размислуваше за видението, Духот му рече: „Еве, те бараат тројца мажи;
20 туку стани, слези и оди со нив не размислувајќи, зашто Јас ги пратив!”
21 Тогаш Петар слезе при луѓето, испратени од Корнелиј при него и рече: „Еве, јас сум оној, кого го барате. Зошто дојдовте?”
22 А тие рекоа: „Стотникот Корнелиј - маж праведен и богобојазлив, посведочен од целиот јудејски народ, прими заповед од свет ангел да те повика во својот дом и да чуе зборови од тебе.”
23 Тогаш ги повика внатре и ги нагости. А утреден стана и отиде со нив, и некои браќа од Јопија отидоа со него.