Дела Ап. 12:5-11 MKB

5 И така, Петра го чуваа во темницата, а црквата постојано Му се молеше на Бога за него.

6 И кога Ирод сакаше да го изведе, во истата ноќ Петар спиеше меѓу двајца војници, окован во двојни вериги, а стражарите пред вратата ја чуваа темницата.

7 И ете, Господов ангел застана и светлина блесна во собата. Тој го чукна Петра по ребрата, го разбуди и му рече: „Стани бргу!” И веригите му паднаа од рацете.

8 Тогаш ангелот му рече: „Опаши се и обуј ги своите сандали!” Петар направи така. И му рече уште: „Наметни ја својата облека и дојди по мене!”

9 И излезе и тргна по него и не знаеше, дека тоа што ангелот го направи е вистинско, но мислеше дека гледа привид.

10 Така ги изминаа првата и втората стража и дојдоа до железната врата, која води во градот; таа им се отвори сама. И излегоа и преминаа една улица, а ангелот веднаш отстапи од него.

11 И кога Петар дојде на себеси, рече: „Сега навистина знам дека Господ го пратил Својот ангел, и ме избави од Иродовата рака и од сè што очекуваше јудејскиот народ.”