9 И излезе и тргна по него и не знаеше, дека тоа што ангелот го направи е вистинско, но мислеше дека гледа привид.
10 Така ги изминаа првата и втората стража и дојдоа до железната врата, која води во градот; таа им се отвори сама. И излегоа и преминаа една улица, а ангелот веднаш отстапи од него.
11 И кога Петар дојде на себеси, рече: „Сега навистина знам дека Господ го пратил Својот ангел, и ме избави од Иродовата рака и од сè што очекуваше јудејскиот народ.”
12 Согледувајќи го тоа, дојде до куќата на Марија, мајката на Јована, наречен Марко - каде беа собрани мнозина да се молат.
13 И кога чукна на дворната врата, дојде слугинката, по име Рода, да наслушне.
14 И кога го препозна Петровиот глас, од радост не ја отвори вратата, туку втрча и јави дека Петар стои пред вратата.
15 А тие и рекоа: „Ти си луда!” Но таа и натаму тврдеше дека е вистина. Тие рекоа: „Тоа е неговиот ангел.”