23 Имено, минувајќи и набљудувајќи ги вашите светини, најдов и жртвеник, на кого е напишано: ‘На непознатиот Бог.’ И така, тоа што вие не познавајќи го - го почитувате, јас ви го проповедам тоа.
24 Бог, Кој го создаде светот и сè што е во него, како Господар на небото и на земјата, не живее во ракотворни храмови
25 ниту прима служба од човечки раце, како да има потреба од нешто; бидејќи Тој, Самиот, им дава на сите: живот, здив и сè.
26 Тој, исто, направи целиот човечки род да потекнува од еден човек и да се насели по лицето на целата земја; откако им определи одредени времиња и граници на нивните живеалишта,
27 за да Го бараат Бога; не би ли Го напипале и нашле некако, зашто Тој не е далеку од ниеден од нас.
28 Зашто во Него живееме, се движиме и постоиме, како што и некои од вашите поети рекле: ‘И ние сме Негов род.’
29 И бидејќи сме Божји род, не треба да мислиме дека Божеството е како злато, или сребро или камен; како творба на човечката уметност и замисла.