Дела Ап. 19:13-19 MKB

13 А некои од Јудејците, кои скитаа и ги заколнуваа духовите, почнаа да го повикуваат името на Господа Исуса, велејќи им: „Ве заколнуваме во Исуса, Кого Павле Го проповеда!”

14 Тоа го правеа седумте синови на некој си Јудеец Скева, главен свештеник.

15 Но лошиот дух во одговор им рече: „Го познавам Исуса и Павле го знам,

16 но кои сте вие?” И човекот во кого беше лошиот дух, скокна на нив, ги совлада сите и покажа против нив таква сила, што голи и ранети побегнаа од таа куќа.

17 Тоа го научија сите Јудејци и Грци, кои живееја во Ефес и страв ги обзеде сите, а името на Господа Исуса се величаше.

18 А мнозина од оние, кои беа поверувале, доаѓаа и исповедувајќи се ги кажуваа своите дела.

19 А од оние, кои се занимаваа со магии, мнозина ги донесуваа своите книги на куп и ги гореа пред сите. И кога ја пресметаа нивната цена, најдоа дека вредат педесет илјади сребреници.