15 И оттаму отпловивме и утреден дојдовме спроти Хиос; на другиот ден стигнавме во Самос, откако престојавме во Трогилија, на идниот ден дојдовме во Милит.
16 Павле реши да помине покрај Ефес, за да не се задржи подолго време во Азија; зашто му се брзаше, ако е можно да биде за денот на Педесетница во Ерусалим.
17 Од Милит Павле прати во Ефес да ги повикаат старешините на црквата.
18 А кога дојдоа при него, им рече: „Вие знаете како го поминав со вас целото време, од првиот ден кога стапив во Азија,
19 служејќи Му на Господа со сета понизност, со солзи и со искушенија, што ме најдоа од јудејските заговори;
20 како не пропуштив да ви кажам сè што е полезно и да ве поучам и јавно и по домовите;
21 сведочејќи им на Јудејците и на Грците покајание пред Бога и вера во нашиот Господ Исус.