19 а на третиот ден со свои раце ја исфрлија опремата од коработ.
20 Бидејќи повеќе денови не се покажаа ни сонцето ни ѕвездите, а силната бура не попушташе, најпосле исчезна секоја надеж дека ќе се спасиме.
21 А после долго нејадење, Павле застана меѓу нив и рече: „Мажи, требаше да ме послушате и да не тргнуваме од Крит, и ќе бевме поштедени од оваа неволја и штета.
22 И сега ве опоменувам да бидете бодри, зашто ниедна душа од вас нема да се изгуби, освен коработ.
23 Зашто ангел од Бога, Кому Му припаѓам и Кому Му служам, застана до мене ноќеска,
24 и рече: „Не бој се, Павле! Ти треба да дојдеш пред ќесарот, и еве, Бог ти ги подарува сите, кои пловат со тебе.”
25 Затоа, мажи, бидете смели! Зашто Му верувам на Бога, дека ќе биде така како што ми е ветено.