6 и првосвештеникот Ана, и Кајафа, и Јован, и Александар, и колку што ги имаше од првосвештеничкиот род.
7 И кога ги поставија на средина ги прашаа: „Со каква сила, или во чие име, го направивте тоа?”
8 Тогаш Петар, исполнет со Светиот Дух, им рече: „Народни началници и старешини!
9 Ако денес нè испитувате за доброто дело направено на еден болен, од што е тој исцелен,
10 тогаш да знаете сите вие и сиот Израелски народ: дека во името на Исуса Христа Назареецот, Кого вие Го распнавте, а Кого Бог Го воскресна од мртвите, преку Него овој човек стои здрав пред вас.
11 Тој е каменот што вие, ѕидарите, го отфрливте, а кој стана глава на аголот.
12 Нема спасение ниту во еден друг, ниту има друго име под небото, дадено на луѓето, преку кое мора да се спасиме.”