Дела Ап. 7:5-11 MKB

5 Но не му даде наследство во неа, ни една стапка од земјата, туку му вети, додека уште немаше дете, дека ќе им ја даде во наследство: нему и на неговото семе по него.

6 Имено, Бог му рече дека неговите потомци ќе бидат придојденици во туѓа земја и ќе бидат поробени и мачени четири стотини години.

7 ’Но, Јас ќе му судам на народот, рече Бог, на кој ќе му робуваат; а потоа ќе излезат и ќе Ми служат на ова место.’

8 И му го даде Заветот на обрезанието; и така на Авраама му се роди Исак и го обреза на осмиот ден; а на Исака - Јаков; а на Јакова - дванаесетте патријарси.”

9 „А патријарсите му завидоа на Јосифа и го продадоа во Египет, но Бог беше со него,

10 и го избави од сите негови неволји и му даде благодат и мудрост пред фараонот, египетскиот цар, кој го постави за управител на Египет и над целиот свој дом.

11 Тогаш настана глад и голема беда во целиот Египет и Ханаан, и нашите татковци не можеа да најдат храна.