1 И кога ги повика Своите дванаесет ученици, им даде власт над нечистите духови, да ги изгонуваат и да лекуваат секаква болест и секаква немоќ.
2 А имињата на дванаесетте апостоли се овие: првиот Симон, наречен Петар и Андреј братот негов; Јаков Заведеев и Јован, братот негов;
3 Филип и Вартоломеј, Тома и Матеј, цариникот, Јаков Алфеев и Левиј, наречен Тадеј;
4 Симеон Кананит и Јуда Искариотски, кој и Го предаде.
5 Овие дванаесетмина ги испрати Исус и им заповеда, говорејќи: „По пат кон незнабошци не одете и во самарјански град не влегувајте;
6 а одете најнапред кај загубените овци на Израилевиот дом.
7 И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно;
8 болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, демони изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте!
9 Не носете во појасите ваши ниту злато, ниту сребро, ниту бакар,
10 ниту торба за пат, ниту двојни алишта, ниту обувки, ниту стап; зашто работникот ја заслужува својата прехрана!
11 А штом влезете во некој град или село, распрашајте кој е во него достоен, и таму останете додека не си отидете.
12 И кога ќе влезете во куќата, поздравете ја говорејќи: ‚Мир во овој дом!‘
13 И ако куќата биде достојна, вашиот мир ќе дојде на неа; ако ли не е достојна, тогаш вашиот мир ќе се врати кај вас!
14 Ако, пак, некој не ве прими и не ги послуша зборовите ваши, излезете од таа куќа или од тој град и истресете го правот од нозете ваши!
15 Вистина ви велам: полесно ќе ѝ биде на земјата содомска и гоморска во судниот ден отколку на тој град!“
16 „Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци: бидете мудри како змии и незлобни како гулаби.
17 Пазете се од луѓето, зашто тие ќе ве предадат на судовите и по синагогите нивни ќе ве тепаат.
18 И ќе ве одведат пред управници и цареви заради Мене, за сведоштво пред нив и пред незнабошците.
19 Кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да кажете.
20 Бидејќи не сте вие што ќе говорите, туку Духот на вашиот Отец ќе говори преку вас.
21 И ќе предаде брат брата си на смрт, и татко – чедото свое; и ќе станат деца против родителите и ќе ги убијат;
22 и ќе бидете намразени од сите заради Моето име, но, кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен.
23 Ако ве бркаат од еден град, бегајте во друг. Зашто, вистина, ви велам: нема да ги обиколите израилевите градови додека дојде Синот Човечки.
24 Нема ученик поголем од својот учител, ниту слуга – поголем од својот господар;
25 Доста е за ученикот да биде како неговиот учител и на слугата како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекле Велзевул, тогаш колку повеќе неговите домашни!?“
26 „И така, не плашете се од нив; зашто нема ништо сокриено што не ќе се открие, или тајно, што нема да се дознае.
27 Тоа што ви го говорам во темнина, кажете го на видело; и она што ви се шепоти, разгласувајте го од покривите!
28 И не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку плашете се повеќе од Оној Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот!
29 Не се продаваат ли две врапчиња за еден денар? И ни едно од нив нема да падне на земја без волјата на вашиот Отец.
30 А вам и влакната на главата ви се изброени.
31 Но не плашете се: вие сте поскапи од многу врапчиња.“
32 „И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред мојот Отец, Кој е на небесата.
33 А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец, Кој е на небесата.“
34 „Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч.
35 Зашто дојдов да разделам човек од татко си, и ќерка од мајка си, и снаа од свекрвата нејзина.
36 И непријатели на човека ќе бидат неговите домашни.
37 Кој љуби татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој љуби син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене;
38 и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене.
39 Кој си го чува животот свој, ќе го загуби, а кој ќе го загуби животот свој заради Мене, ќе го најде.“
40 „Кој ве прима вас, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил.
41 Кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда; и кој прима праведник во праведничко име, ќе добие праведничка награда.
42 И кој ќе напои еден од овие безначајни само со чаша студена вода во име на ученик, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда.“